Јан Акерман: Никогаш доста од настапи

Точка

06/11/2017

10:01

4.017

Големина на фонт

а а а

Јан Акерман (70) е еден од најпознатите холандски и светски блуз музичари и гитаристи. Како соло артист соработувал со други големи светски музичари меѓу кои Би Би Кинг, Чарли Брд, Кози Пауел, Клаус Огерман и Ајс Ти, а голем дел од кариерата ја означи и како член на бендовите како „Брејнбокс“ и „Фокус“.

Во своето творештво од 60 години и повеќе има многу албуми и настапи низ целиот свет. И се уште неуморен и полн енергија е отворен за уште предизвици. И Скопје е еден од нив, каде Акерман ќе настапи со неговиот бенд во клубот „Станица 26“ на 9 ноември во организација на концертната агенција и продукција „3Гонга“.

Како музичар се реализиравте во целост. Но, сепак дали остана некој недовршен сон?

Би сакал да и се навратам на мојата прва гитара, која ми ја купија родителите кога имав 9 години. Подоцна заборавив на неа зашто многу ме заинтересира хармониката како инструмент и на која свирев опера, француски шансони и локални фолк песни. Но, кога ги слушнав песните на Џанго Рејнхард кои ги свиреа во ромски камп во близината на Амстердам се вљубив во звукот.


Со татко ми се одвезовме во нашиот стар автомобил во стариот еврејски кварт на градот и стапивме во контакт со ромите, кои тргуваа со стари предмети исто како и татко ми. Како вчера да беше, се сеќавам како со татко ми се возевме низ луксузниот дел од Хаг, каде живееја богатите и аристократите. И најпосле стигнавме во ромскиот камп. Ме седнаа на столица точно пред самиот оркестар насловен „Тата Мирандо и неговиот кралски оркестар“. Јас бев маѓепсан од мелодиите додека татко ми зад сцената тргуваше со автомобили, пиштоли и многу други стари предмети. И затоа не ми требаат уште соништа. Доволен ми е тој.

Ова ќе биде Ваше петто гостување во Скопје. И овој пат за првпат ќе настапите во помал клуб, пред одбрана публика. Имате очекувања?

Клубот нуди потполно поинаква атмосфера од големите концертни сали. И претходно по еден настап во Куманово, свирев во помал клуб и според моето мислење беше фантатсично!

Каков ќе биде овој пат Вашиот репертоар?

Разновиден. Иако најмногу песни ќе изведувам од албумот „Gitar in bed“, кој верувам моите фанови тука го знаат, а за мене е еден од најдобрите. На крајот на шоуто сакам да отсвирам и некои стари материјали како еден вид потврда дека во младешките денови сум бил многу „откачен“ (се смее).


Ќе пристигнете сами или со бенд?

Со мене ќе има уште четворица музичари: тонскиот мајстор Нил Денолм, Папа Коен Моленар на клавијатури, Мерин ван ден Берг на тапани и Дејвид де Марез Ојенз на бас.

Во втората половина на 20-тиот век соработувавте со повеќе музичари меѓу кои Би Би Кинг, Чарли Брд, Кози Пауел, Клаус Огерман и Ајс Ти, а бевте и член на бендовите како „Брејнбокс“ и „Фокус“. Преферирате да сте сам на сцената или предизвикот е поголем кога соработувате со други музичари?

Единствениот проблем во сето тоа не е музиката. Па затоа некогаш со некои мора да се збогувам инаку, во спротивно ќе има премногу духови во шишето (се смее). Но, во суштина работата со други луѓе ми е задоволство. Го сакам тоа затоа што ми е здрав предизвик.

Снимивте и многу соло албуми, кои го покажуваат Вашиот талент и вештина. Како со зборови би ја опишале музиката што ја создавате?

Создавање блуз надвор од класичните граници и обратно. Фузија на повеќе различни звуци. Блузот секогаш беше најважната состојка за мене, страст и мотив за да создадам нешто од ништо. Тоа е нешто што не можете да го пресметате точно и кога ќе се поклопат нештата станува функционално за сите. Тоа се моментите за кои живеам. Тоа е слобода! А, границите постојат за да бидат преминати.


Еден филозоф рекол: „Не е важно колку еклектичен е аристот или неговата уметност. Секогаш има моменти од неговата музиката, слика или пишано дело кои ќе допрат некого“. Понекогаш нештата се толку грди, што со самото тоа се претвораат во чиста убавина. Погледнете некои од делата на Ворхол или Полок или Карел... Некогаш не е важно што излегува од вашата глава или раце, туку како тоа го правите. Тоа се брои.

Сте настапиле на многу големи светски сцени низ Европа, Северна и Јужна Америка, Азија... И се уште имате енергија и виталност за настапи. Не сте изморени од сето тоа?

Се сеќавам на мојот прв настап кога имав само 5 години и свирев хармоника во локалната црква. Бев толку нервозен, што не можев да ја плукнам ниту гумата за џвакање. На се тоа испуштив и прдеж. Но, го надминав и тоа! (се смее)


Подоцна во 70-тите години свирев во Централ Парк во Њујорк со мојот бенд „Фокус“ и за време на мојата соло изведба на гитара, сите светла се изгаснаа. Мислев дека нешто не е во ред со целата електрична инсталација, но звукот беше тука и продолжив да свирам во темницата. Оддеднаш од соседните згради почнаа да се појавуваат светла, а луѓето извикуваа: „Фокус! Фокус!“ Бев горд на себе!

Имаше уште многу вакви случки. Па, како може човек да се измори од тоа? (се смее) Немам работено ниту еден ден во мојот живот, зашто ова што го правам го сакам. Свирам на мојата гитара, надвор од границите и им давам на фановите прекрасна музика и забава.

Вие самиот го дизајниравте и Вашиот инструмент – гитарата. Што е уникатното на неа?

Дизајнирав и ре-дизајнирав неколку гитари од 70-тите години на минатиот век. Но, уште кога имав 11 години направив една спојка на бас и гитара, која сега се нарекува Гибсон експлорер. Жиците беа од пијано со држач од гитара. Звучеше интересно и го искористив инструментот за да го исвирам мојот прв сингл наречен „Егзодус“. Овој пат во Скопје ќе го носам со мене Ј.А. Персонал – инструментот, кој има форма на винил носач на звук, ама е малку поголем и со посветла боја. Направен е во Индонезија и е мојот инструмент за живите настапи.


Што е Ваш следен предизвик?

Работам на нов албум кој ќе ги содржи сите миксови меѓу блуз-фанк-бибоп... Овој албум ќе биде одговор на претходниот насловен "Minor Details". Како и да е, поздравете ми ги сите македонски фанови и пријатели, со кои ќе се видам наскоро!


Пишува: Гордана Настевска Манасиевска
Фото: Приватна архива



Спонзорирани линкови

Маркетинг