Владата вчера на седница донесе одлука за одземање на деловен простор во Скопје, што претходната влада му го имаше дадено на трајно бесплатно користење на Здружението за духовно обединување на Сетинци-Попадинци и Крушоради од Лерин.
Владата одлучи просторот да му го додели на здружението за деца бегалци од Егејска Македонија „Т’га за југ“ кое е формирано на 19 септември 2017 година. Ваквата одлука предизвика остри реакции во јавноста.
Министерот задолжен за дијаспора Едмонд Адеми не ги појасни правните критериуми според кои деловниот простор ќе му биде доделен на здружението „Т’га за југ“ кое исто како и Здружението за духовно обединување на Сетинци-Попадинци и Крушоради од Лерин на главниот град му има подарено споменици.
На прашање дали треба да се донира споменик за да се добијат простории, Адеми рече вели дека не треба да се стави знак на равенка помеѓу здружение на деца бегалци кое постои 30 години и здружение кое имало друга цел, а не ја знаеме.
„Има разлика меѓу здружение кое нема цел и здружение кое постои 30 години и има конкретна цел“, рече Адеми.
Тој појасни дека просторот бил одземен од здружението на Сетинци-Попадинци и Крушоради од претходната Влада, па повторно му било доделен, но тие простории останале празни. Здружението „Т’га за југ“ побарало тој простор да му биде доделен бидејќи во 2018 ќе биде организирана прослава за децата бегалци.
Владата проверила каква е фактичката состојба со просторот и било утврдено дека здружението на Сетинци-Попадинци и Крушоради не се вселило таму. Во имотниот лист не се водело таму, а тоа значи дека просторот останал неискористен.
-Ние донесовме одлука „Т’га за југ” да ги добие просториите. Тие постоеле во форма на повеќе здруженија, а сега се здружуваат во едно. Како нов правен субјект го добиле просторот. Тука нема ништо спорно, станува збор само за процедурална ситуација. Ние не оставивме простор некој да биде привилегиран. Од 2011 просториите кои ги добија биле празни, а во 2015 година, Пешевски потпишал додекување на просториите, но никој не се вселил. Тие празни простории сега се дадени на ова здружение”, вели Адеми.
Тој додаде дека здружението „Т’га за југ” кое е формирано пред месец ипол е старо нов правен субјект, бидејќи тоа постоело 30 години.
Претходната влада деловниот простор му го имаше дадено на трајно бесплатно користење на Здружението за духовно обединување на Сетинци-Попадинци и Крушоради од Лерин кое за возврат на градот му подари пет споменици меѓу кои и споменик на Андон Лазов Јанев -Ќосето што предизвика остри критики во јавноста. Додека едни го нарекуваа херој, други тврдат дека Ќосето бил насилник и убиец.