Монтела пред отказ, Мацари преодно решение, на лето пристигнува Анчелоти

Макфакс

26/09/2017

14:50

1.029

Големина на фонт

а а а

Неделниот пораз на Милан во Џенова од Сампдорија (2:0) го вклучи алармот кај тимот од „Сан Сиро“ во пресрет на дуелите со директните конкуренти во Серија, Рома и Интер.

Италијанските медиуми шпекулираат дека тренерот Винченцо Монтела мора да забележи добри резултати на овие два натпревари доколку сака да ја задржи позицијата.

„Газета дело Спорт“ пишува дека раководството, а пред сите Марко Фасоне, се незадоволни од начинот на кој игра Милан, но и од фактот што Монтела често експериментира со составот и формацијата.

Фасоне му порачал на Монтела најитно да им ги најде вистинските позиции на Бонучи, Чалханоглу и Андре Силва.

Милан в четврток ќе ја пречека Ријека во второто коло, во Лига Европа, а потоа го очекуваат натпреварите со Рома и Интер.

Овие два тима на Милан му се директни конкуренти за пласман во Лигата на шампионите, што е примарна цел на раководството кое летово потроши 200 милиони евра на засилувања.

„Газета дело Спорт, пишува дека и да избори пласман во Лигата на шампионите, Монтела ќе добие отказ бидејќи на „Сан Сиро“ имаат намера наредното лето да донесат реномиран тренер, а изборот е Карло Анчелоти или Антонио Конте.

Реална опција е Анчелоти, кој е поранешен играч и тренер на Милан, а кој сигурно по оваа сезона, ако не и порано, ќе замине од Баерн. Баварците веќе имаат најдено наследник во името на младиот тренер на Хофенхајм, Јулијан Негелсман.

Истиот извор наведува дека доколку Монтела во наредните две недели добие отказ, Милан има две опции, искусниот Валтер Мацари или поранешниот тренер на Фиорентина Паоло Соуза.