ВМРО-ДПМНЕ испрати реакција за определувањето притвор за градоначалникот на општина Пустец, Едмонд Темелко.
Во реакцијата пишува: „Стравот и нервозата од изборниот пораз на СДС се видливи на секое можно поле. Токму затоа повторно беше активирана партиската подружница на СДС, СЈО која побара притвор на Едмонд Темелко, а судството под притисок на СДС донесе одлука за прифаќање на барањето на СЈО. Додека од една страна спротивно на законот СДС и Зоран Заев пуштаат на слобода осудени криминалци, од друга страна политички монтираат случаи и бараат притвори. Двојните аршини на СДС се видливи. Надвор од сите процедури, кршејќи ги правилата, СЈО донесе политичка одлука, Судот испорача. Одлуката единствениот македонски градоначалник во Албанија да оди во притвор претставува врвно лицемерие и уште еден показател за киднапирањето на државата од страна на хунтата на СДС“, пишува во соопштението.
„Додека криминалците царуваат, СДС се насочи кон човек со здравствени проблеми третирајќи го како најголем криминалец. Свесни за поразот на политичкото обвинителство на Катица Јанева, судството активно се вклучува во изборната кампања на СДС. Нивната борба за живот е борба за правење криминали на врхушката на СДС. Затоа народот ќе ги казни, а одговорност за сите кои ги силуваат законите и носат политички наместо правни одлуки ќе има многу брзо“, се додава во реакцијата на опозициската партија.