Европската унија се подготвува да ги заостри санкциите против Северна Кореја, изјави денеска високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Федерика Могерини.
– Во текот на следните денови ќе им предложам на министрите да ги заострат санкциите против Северна Кореја, изјави Могерини во Талин, пред состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.
Таа наведе дека денес светот се соочува со различни степени на закани, кои претставуваат опасност за мирот и безбедноста во светот. Могерини оцени дека ЕУ би требало да се усогласи со сите нови резолуции на Советот за безбедност на ОН, како и самата да додаде нови санкции.
Во главниот град на Естонија, денеска се одржува средба на министрите за надворешни работи и за одбрана на земјите – членки на ЕУ, на која ќе се расправа за нови санкции против Пјонгјанг.
Последната шеста нуклеарна проба која ја изведе Северна Кореја, предизвика вознемиреност кај меѓународната заедница и покрена бран иницијативи за воведување нови и поостри санкции кон Пјонгјанг.