Британскиот премиер: Загрижени сме за иницијативата „Произведено во Европа“

Макфакс

22/09/2026

11:40

187

Големина на фонт

а а а

Британскиот премиер Енди Бернам изрази загриженост за иницијативата „Произведено во Европа“ која може да влијае на британската индустрија и најави дека ќе разговара за тоа со претседателот на Европската комисија. Во исто време, ја остави отворена можноста враќањето во ЕУ да стане дел од изборната програма на неговата партија.

Британскиот премиер Енди Бернам пред средбата со претседателот на Европската комисија, во разговор со новинарите ја остави отворена можноста, враќањето во ЕУ да стане дел од изборната програма, која е поддржана од некои членови на неговата партија, пишува „Политико“.

Бернам рече дека „размислувал за изминатата деценија“ надвор од ЕУ и посочи дека кампањата за референдум била карактеризирана со искривени факти. „Во моментов сме фокусирани на самитот Велика Британија-ЕУ, за кој се надеваме дека ќе се одржи до крајот на годината“, им рече тој на новинарите на пат кон Генералното собрание на ОН во Њујорк.

„Мој непосреден приоритет е да продолжам таму каде што застана Кир Стармер во поправката на оштетените односи. Тие односи беа оштетени на почетокот на оваа деценија и Кир направи добра работа во нивното поправка“, додаде тој.

„Сега треба да преминеме на следното ниво и да постигнеме конкретни договори што дополнително ќе ја поттикнат британската економија.“ На директно прашање за целосно враќање во ЕУ, Бернам рече: „Другите прашања за кои зборувате – тие се за друг ден.“

Коментарите на премиерот претставуваат значителна промена во тонот од неговиот претходник Кир Стармер, кој вети дека ќе „направи Брегзит да функционира“ и ќе постави јасни граници за да го зачува договорот на Борис Џонсон.

Некои во партијата на Бернам, вклучувајќи го и поранешниот лидер Нил Кинок, ги повикаа Лабуристите да вклучат ветување за враќање во ЕУ во својот следен изборен манифест. Други го гледаат ова како изборен товар или предавство на резултатот од референдумот.

Самитот Велика Британија-ЕУ што го спомена премиерот првично беше планиран за јули, но беше одложен по промената на раководството на британската влада. Брисел и Лондон сè уште не одредиле нов датум за состанокот поради несогласувања околу протекционистичките мерки на ЕУ „Произведено во Европа“ и спорното прашање за школарината за студентите од ЕУ што студираат во Велика Британија.

„Загрижени сме за иницијативата „Произведено во Европа“ бидејќи може да влијае на британската индустрија и синџирите на снабдување“, рече Бернам. Тој најави дека ќе разговара за ова со претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, на состанок во ОН во вторник. „Ќе презентирам некои од нашите забелешки во конструктивен дух, а во исто време ќе работам самитот ЕУ-Велика Британија на крајот од годината да биде успешен“, изјави тој.

Бернам им потврди на новинарите во авионот дека Брегзит ќе биде дел од неговиот говор пред Генералното собрание на ОН и навести дека ќе го поврзе со други глобални предизвици.

„Доживеавме што се случува кога има турбуленции, кога надворешните актери се обидуваат да манипулираат, искривуваат и влијаат врз британскиот демократски процес. Како што влегуваме во следната деценија, мора да бидеме свесни за ова, да станеме посилни и попроактивни во соочувањето со ваквите феномени“, рече тој.

„Можеби Британија може да каже дека во модерната политика ги доживеала овие турбуленции пред другите. Треба појасно да препознаеме каде надворешните сили, нашите непријатели, се обидуваат да манипулираат со јавното мислење и расположение за да им служат на своите интереси, а не на нашите.“

Фото: ЕПА