Нов пат до Липковското езеро

Макфакс

05/09/2017

23:05

432

Големина на фонт

а а а

Министерот за локална самоуправа Сухејил Фазлиу денеска присуствуваше на пуштањето на асфалтираниот патен правец кон Липковското Езеро, во должината од над 1.700 метри.

Како што соопшти Министерството за локална самоуправа, на пуштањето на патот присуствуваа и министерот Садула Дураку, претставниците од општина Липково, како и претставници на општината Саточва од Бугарија, со кои беше имплементиран проектот.

Оваа инвестиција е финансирана од Европската унија, односно од ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Бугарија.

Министерот Фазлиу истакна дека оваа инвестиција доаѓа како резултат на успешно реализиран проект во оваа општина.

– Проектот беше поддржан уште во првиот јавен повик од Програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Бугарија. Досега, во рамките на оваа програма се финансираат повеќе од 100 проекти, што значи дека Министерството за локална самоуправа заедно со партнерите од Бугарија, Министерството за регионален развој, и со финансиска поддршка од ЕУ, се финансирани повеќе од 100 партнерства долж пограничниот појас со што им е дадена шанса на исто толку субјекти да реализираат пројекти или да ја продлабочат меѓусебната соработка, рече министерот Фазлиу.

Тој истакна дека во тек е реализацијата на нов јавен повик за предлог проекти во рамките на Програмата со Бугарија. – Двата повика се релевантни за Општина Липково и за други субјекти во овој регион. Очекуваме од вас идеи и иницијативи кои ќе имаат конкретни резултати, слични на овој патен сегмент за кој верувам дека ќе биде во функција на секој жител на вашата општина, но исто така и на секој посетител на Липковското езеро, истакна меѓу другото Фазлиу.

Оваа инвестиција е резултат на плодна прекугранична соработка меѓу Македонија и Бугарија, односно општина Липково и општина Саточва од Бугарија. Во рамките на проектот „Мисли за природата, водата и култура – биди европски турист“ асфалтираниот патен правец ќе го олесни протокот на сообраќајот и ќе има позитивно влијане за порастот на бројот на посетителите и туристите во овој регион.