Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во интервју за МИА вели дека е задоволен од она што досега е направено во парламентот и покрај последиците од настаните од 27 април кога беше неговиот избор. Локалните избори, доколку сѐ оди по планот, ќе ги распише на 6 август, а по овој датум годинава, би можел да започне и одморот за пратениците.
„Покрај сите нешта што внатре се случуваа, јас можам да кажам дека сум задоволен од она што е направено досега имајќи ја предвид мојата определба на почетокот Собранието да поприми друга слика од јавноста во контекст на отворањето, транспарентноста на работа на Собранието, на вклученоста на сите во работата на Собранието, рече Џафери. Ја започнавме идејата за отворање на пленарните седници за присуство на граѓаните, првично со активисти на парламентарните партии, а во иднина најави можност граѓаните да се пријават за учество на сесиите.
Во контекст на односот владејачко мнозинство наспроти опозиција и покрај сите предизвици, претседателот на парламентот, посочи дека успева да управува со ситуацијата.
„Мислам дека е направен чекор и опозицијата да ја види својата улога и придонес и мислам дека сме на добар пат тоа и да се дообработи“, рече Џафери.
За тоа дали има опструкции во работата, потенцира дека не би можел целосно да каже дека имало обид за опструирање. Како еден од предизвиците за Собранието, според него, е изборот на потпретседатели, за што вели дека доколку дојде до договор меѓу владејачкото мнозинство и опозицијата, точката би можела да биде вратена на дневен ред. Локалните избори претседателот на парламентот ќе ги распише на 6 август според сегашниот план и доколку нема промени во одржувањето на овие избори на 15 октомври.