ВМРО-ДПМНЕ обвинува за недостигот на вода во Куманово, СДСМ за Булачани

Макфакс

05/07/2017

15:10

523

Големина на фонт

а а а

Драган Петковски од ВМРО-ДПМНЕ реагираше на недостигот од вода во Куманово кој според него трае веќе еден месец, порачувајќи дека е срамно по 27 години да нема стабилна структура за водоснабдување во овој град.

„Куманово веќе месец дена се соочува со недостиг на вода,а граѓаните мака мачат со нивните секојдневни обврски на овие тропски температури. По 48 часа од алармирањето, поедини делови на Куманово повторно се без капка вода, а другите делови од градот со значително намален притисок. Срамно е после 27 години да не се изгради стабилна водоснабдителна инфраструктура. Се уште пиеме вода од цевки кои се поставени речиси пред еден век и чија бактериолошката безбедност е под знак прашалник“, рече Петковски.

Според него, европското Куманово на градоначалникот е оставено со години да тоне без елементарни услови за живот, иако се смениле повеќе директори на јавните претпријатија. Зад нив, оцени тој, останале само превработеност и задолжувања, а ниту една инвестиција или проект кој би бил за доброто на градот. 

„Се оди дури дотаму што за да се покријат настанатите долговите, се става под хипотека имотот на граѓаните“, тврдеше Петковски. 

Според негова оценка, граѓаните не ја плаќаат најскапата вода во државава, туку сметката од нерационалното работење на градоначалникот Дамјановски и неговите директори на јавните претпријатија. 

„Ситуацијата во населбите и во централното градско подрачје е иста. Секојдневно пукаат цевки, а граѓаните и фирмите не се во можност да ги извршуваат своите секојдневни обврски. Една од причините за недостигот на вода е и урбаната мафија на СДС и градоначалникот Дамјановски, односно непланското градење на згради, со дотраениот систем за водоснабдување кој очигледно не е предвиден за вакво дополнително оптоварување. 

Без вода се оставени градинките, здравствените установи, пензионерските домови. Ико јавните претпријатијата се превработени, нема доволно кадри за да се испратат на терен и се чека подолго време за санирање на дефектите. Се случува граѓаните сами се вклучат во санирање заедно со службите кои едвај доаѓаат, само побрзо да се реши проблемот.Градоначалникот мора да понесе морална одговорност пред граѓаните и да се зафати со работа“, порача Петковски на прес конференција во Куманово. 

Се наоѓаме во населеното место Булачани кое има повеќе од 400 домаќинства со околу 1200 жители.

Петковски не мораше да чека долго за одговор од СДСМ. Од оваа партија експресно одржаа прес конференција на која Борче Георгиевски изјави дека секое лето Булачани се соочува со големи проблеми во водоснабдувањето бидејќи еден од системите, со одлука на Општина Гази Баба од 2010 година, е предаден на управување и стопанисување на ЈКП Гази Баба. 

„Вториот водоснабдителен систем, каде што се наоѓаме моментално, никогаш не е ставен во функција иако неколкупати беше ветувана изградба на нова секундарна мрежа, изградба на шахти и поставување на водомери. Токму поради нефункционалноста на вториот систем, во овој дел на Булачани, преку 200 домаќинства и преку 600 жители секое лето се соочуваат со недостиг на вода за пиење. 

Поради намалениот доток во системот, старата и нефункционална водоводна мрежа, лошото менаџирање на Јавното комунално претпријатие и лажните ветувања на градоначалникот Тони Трајковски, жителите од овој дел на Булачани не можат нормално да функционираат“, порача Георгиевски, па во ист пародичен стил во однос на тој на ВМРО-ДПМНЕ додаде: 

„Недозволиво е во 21-виот век, при тропски температури, над 600 жители да немаат навремено и квалитетно снабдување со чиста вода за пиење. Нехумано и нечовечки е на 600 граѓани да им биде ускратена основната животна потреба како што е водата. 

Не постои никакво оправдување за неспособноста на Трајковски да обезбеди елементарни услови за секојдневно функционирање на жителите на Булачани. Затоа, и Булачани и општина Гази Баба, имаат итна потреба од промени. Веќе наесен, граѓаните на Гази Баба ќе добијат одговорен градоначалник и Совет на општината. Новата локална власт предводена од СДСМ ќе работи во интерес на граѓаните и општината, а прв приоритет ќе биде обезбедување на квалитетни услови за живот и навремено водоснабдување за сите рурални средини во општината“, возвратија од СДСМ.