Откако неколку држави предводени од Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Египет ги прекинаа односите и воведоа блокада на Катар, повторно е актуелизиран „проблемот“ со организацијата Муслиманско братство.
Имено, една од причините за Катарската криза е наводната поддршка на Доха на Муслиманското братство, најголемата сунитско-муслиманска организација на светот. Иако Муслиманското братство е присутно во повеќето муслимански земји како политичко-идеолошко движење, оваа организација за многумина, дури и во исламскиот свет е терористичка.
Муслиманското братство е прогласено за терористичка организација во многу земји - во Русија, Сирија, Египет, Саудиска Арабија, Бахреин и Обединетите Арапски Емирати. Меѓутоа, се чини дека оваа листа ќе биде значајно проширена, откако претседателот на САД, Доналд Трамп, најави дека можно е и Америка да ја стави оваа организација на црната листа со терористички групи.
Главната цел на Муслиманското братство на почетоците била реафирмација на политичкиот ислам и воспоставување на нов Калифат кој ќе се темели на шеријатот и Куранот. Муслиманското братство во една таква ситуација за кратко време се прошири во арапскиот свет, но набрзо се појавија и проблеми.
Имено, идеологијата на Муслиманското братство не се поклопува со секуларните режими од арапскиот свет, па дојде до конфликти кои што кулминираа со убиството на египетскиот претседател Анвар Ел-Садат во 1979-та година.
Само три години подоцна, оваа организација се обиде да го убие тогашниот претседател на Сирија, Хафез Ал-Асад, татко на актуелниот сириски претседател Башар. Атентатот бил неуспешен, а Муслиманското братство уште тогаш покажало дека за да ги оствари своите цели, подготвено е и да убие, па затоа во многу држави оваа организација е означена како терористичка.
Во последните неколку години Муслиманското братство се поврзуваше со неколку радикални струи на исламот, посебно после инвазијата на СССР на Авганистан. Многу членови на Муслиманското братство после прогонот од Сирија и Египет тргнаа во Авганистан да се борат против СССР, а таму потоа се роди ново зло.
Еден од најистакнатите членови на Муслиманското братство кој што заминал да војува во Авганистан бил Ајман Ал-Завахири. Тој денес еден од најбараните терористи на светот, а за негово апсење или убиство е понудена награда од 25 милиони долари. Ал-Завахири инаку е лидер на Ал Каеда, терористичка организација која што ја основал заедно со Осама Бин Ладен.
На темелите на учењето на Муслиманското братство израснаа многу други терористички организации како што се Талибанците, споменатата Ал Каеда, потоа Ал Шабаб и озлогласената Боко Харам чии што лидери се членови на Муслиманското братство.
После револуцијата во Египет кога од власт беше отстранет претседателот Мохамед Морси, член на Муслиманското братство, оваа организација најде нова база надвор од арапскиот свет. Муслиманското братство денес е најголем сојузник на Турција во исламскиот свет, односно на партијата АКП предводена од претседателот Реџеп Таип Ердоган.
Аналитичарите до овој заклучок дојдоа поради тоа што Ердоган јавно го поддржа Муслиманското братство. Муслиманското братство се смета дека денес е голем партнер на владеачката турска партија АКП, а тоа на Анкара може да ѝ создаде многу проблеми, како во исламскиот, така и во западниот свет. Не е реткост да се види Ердоган со четири подигнати прсти, што е симболот на Муслиманското братство, а поради тоа Турција ги влоши односите со многу земји од муслиманскиот свет, првенствено со Египет.
Државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон во јануари оваа година изјави дека „Муслиманското братство и Ал Каида се ограноци на радикалниот ислам“, а во Белата куќа со месеци се воделе дебати дали Муслиманското братство треба да биде означено како терористичка организација.
Врските на Муслиманското братство со радикално-исламистичките организации ширум светот се силни и длабоки, а идеологијата на оваа организација не е компатибилна во секуларните држави. Поради тоа, многу муслимански држави се одрекуваат од оваа организација, а тоа можеби најдобро го опиша египетскиот претседател Ел Сиси кој изјави:
„Муслиманското братство е како вирус. Влегува во телото незабележано, а потоа полека и систематски го уништува, додека не создаде атмосфера која ќе му одговара. Секуларните општества немаат место за организации како Муслиманското братство, затоа што од нивната идеологија, како по правило, секогаш се раѓа зло“.