Македонските херои гордо се простија од ЕП и ја оставија фаворизираната Португалија без полуфинале

Дерби

24/06/2017

01:08

1.654

Големина на фонт

а а а

Македонската фудбалска репрезентација со пораз се прости од премиерното Европско првенство со кое испиша историја во нашата земја, но тоа го направи во голем стил збогувајќи се гордо и достоинствено од турнирот во Полска.

Македонските херои на сите три натпревари во групната фаза покажаа дека знаат да играат фудбал, со тоа што вечерва загубија од фаворизираната Португалија која во својот состав има голем број ѕвезди кои играат во навистина силни тимови. Играчите на Благоја Милевски покажаа борбен дух и не се откажаа и во ситуација кога набрзина имаа негатива од 0:2, а фактот што постигнаа два гола против составот на Руи Жорге значи дека Португалците не патуваат во полуфиналето на турнирот како второ најдобропласирана екипа.

Енис Барди намали на 1:2 пред крајот на првиот дел, а и покрај тоа што Португалците повторно имаа два гола позитива со голот на Поденсе, упорноста на нашите репрезентативци кои одиграа за себе се виде на дело во последните 10-тина минути кога Маркоски постигна гол за 2:3. Ова значеше дека на Португалија и требаат уште два гола за да се најде во полуфиналето, а иако до крајот постигна гол преку Брума за 2:4, сепак тоа беше недоволно за пласман во посакуваната нокаут рунда.

Со двата постигнати гола и новата добра офанзивна претстава, Македонија се прости од првото големо фудбалско натпреварување на кое настапи во историјата, а искрено се надеваме дека истото ќе биде само поттик за уште подобра и понапорна работа на генерациите кои допрва треба да се докажат.





Спонзорирани линкови

Маркетинг