Американското бомбардирање на Сирија го подели светот: Од повеќето земји пристигнува поддршка, Русите бесни...

Точка

07/04/2017

14:59

3.886

Големина на фонт

а а а

Американските воени бродови стационирани во источниот Медитеран утринава лансирале од 50 до 60 "Tomahawk" ракети на воените бази на Башар Ал Асад во Сирија. Русите бурно реагираа, а еве каква е реакцијата на другите земји.

Саудиската новинска агенција „СПА“, повикувајќи се на извори од саудиското министерство за надворешни работи, пренесува дека Саудиска Арабија целосно ја поддржува американската воена операција на воените цели во Сирија, како одговор на тоа што сирискиот режим употреби хемиско оружје против цивилите.

Втората најголема сила на Блискиот исток, Иран, го осуди американскиот ракетен напад, нарекувајќи го „деструктивен и опасен“.

„Иран го осудува употребувањето на хемиското оружје, но истовремено смета дека, истото, да се користи како изговор за започнување на еднострани акции е деструктвно, опасно и претставува кршење на меѓународното право“, порача портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Бахрам Касеми.


Портпаролот на Британската влада, денес изјави дека Велика Британија целосно го поддржува воениот напад на САД на сириската воздухопловна база, од каде што, како што се вели, биле изведени нападите со смртоносното хемиско оружје.

„Британската влада целосно ја поддржува воената акција на САД за која што веруваме дека претставува адекватен одговор на варварскиот напад со хемиско оружје кој го спроведе сирискиот режим“.

Јапонскиот премиер Шинзо Абе исто така го поддржа американскиот напад на Сирија, а истото го стори и израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху кој денес изјави дека ја поддржува „силната и јасна порака“ која што им ја испратија Американците на Сиријците во знак на одмазда за хемискиот напад.

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер изјави денес дека на употребата на хемиско оружје „морало да се одговори“ и порача дека токму таа воена база на сириската армија била користена за нападите со хемиско оружје: „САД ја информираа Европската Унија дека ударите се ограничени и имаат за цел одвраќање на понатамошни злосторства направени со хемиско оружје“.


Лидерите на Франција и Германија порачаа дека поради Асад се случил америкаскиот напад утринава. Францускиот претседател Франсоа Оланд и германската канцеларка Ангела Меркел, во заедничко соопштение порачаа дека „претседателот Асад ја сносува одговорноста за ваквиот развој на случувањата“, поради, како што велат „континуираното користење на хемиско оружје и злосторствата против сопствениот народ“.

Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу го поздрави американскиот напад на сириската воздушна база и побара „итно отстранување од власт“ на сирискиот претседател Башар Ал Асад.

„Неопходно е што поскоро да се смени тој режим“, изјави Чавушоглу и додаде: „Доколку Асад не сака да си замине, околку не биде формирана транзициска влада и доколку тој продолжи да прави хуманитарни злосторства, ќе бидат превземени неопходните чекори за тој да биде сменет“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг