Шарената револуција со нов протест пред СЈО попладне во 18 часот

Макфакс

10/06/2016

09:11

586

Големина на фонт

а а а

Демонстрантите од Шарената револуција, за денеска, петок, во 18 часот, најавија нов протестен марш, пред канцелариите на Специјалното јавно обвинителство во Скопје, откако од средата почнаа со герила-акции, па блокираа крстосници во главниот град.

„Нов крик во петок во 18 часот пред СЈО! Нема правда нема мир! Граѓанки и граѓани, ве повикуваме да се собереме на масовен протест во петок, 10 јуни во 18:00 часот пред нашата тврдина - Специјалното јавно обвинителство, да им кажеме на властите дека одбројуваме и дека нашите барања се бескомпромисни“, се вели во повикот од Шарената револуција на фејсбук.

Потсетуваат дека поминаа три дена откако (Претседателот Ѓорге) Иванов целосно ја повлече аболицијата и откако тие прецизно ги испорачале нивните црвени линии и рокови.

„Власта молчи, Уставниот суд молчи, институциите на прогонот молчат. Време е за нов крик, време е да ги потсетиме дека до 18 јуни Уставниот суд мора да се произнесе за уставноста на СЈО за да сме сигурни дека правдата ќе биде заштитена. Повторно ќе бидеме на улица, повторно ќе протестираме! Да им кажеме дека одбројуваме до 18 јуни. Да им кажеме дека мора да бидат ослободени сите приведени демонстранти и да бидат повлечени сите пријави од МВР кон нашите соброки и соборци“, велат од Шарената револуција.

Покрај двете барања за кои испорачаа рок до 18 јуни и за кои одбројуваат, потсетуваат и на останатите нивни барања.

Оставка од актуелната влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и формирање на преодна влада која докрај ќе ги спроведе итните реформски приоритети од извештајот на (Рајнхарт) Прибе и ќе создаде услови за фер избори;

Формирање на специјално одделение во кривичниот суд, надлежно за случаите под јуриздикција на СЈО.

Задолжително вклучување и присуство на независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата.

Процесот на решавање на кризата да се одвива на територија на Република Македонија;

Оставка на Ѓорѓе Иванов од функцијата Претседател на Република Македонија.


Спонзорирани линкови

Маркетинг