Зен атмосфера во хотелска соба во "Volkshotel Amsterdam"

DesignMK

16/03/2016

16:20

2.172

Големина на фонт

а а а

Смирени тонови и едноставни парчиња мебел беа главното дизајнерско "оружје" на холандската дизајнерка на ентериери Хана Маринг при уредувањето апартман во хотелот "Volkshotel Amsterdam".

Гостинскиот апартман во овој хотел во Амстердам започна со идеја да се создаде пријатна и целосно релаксирачка, зен-атмосфера за гостите.




За оваа цел, пространиот апартман „Bathing Bikou Room“ Маринг го декорира со светли бои и со минималистички мебел, со идеја да се избегне динамичност и енергичност. Напротив, да се понуди смирувачки простор каде што веднаш може да се заспие по долгите прошетки, исто како да сте во сопствениот дом. Од ентериерните парчиња специфични се полутранспарентни преградни панели во различни бои и нијанси што се прелеваат креирајќи интересен ефект во просторот. Зен-амбиентот во ентериерот на хотелскиот апартман е нагласен од светлото дрво, неутралните бои и од природните саксиски растенија што внесуваат бран свежина.



Впечатлив детаљ е и јапонската дрвена када во бањата. Јапонската традиционална када извајана од кедар поставена во центарот на апартманот го привлекува фокусот на себе како скулптурен акцентен елемент.



Другите парчиња мебел и декор со винтиџ-стил внесуваат современа естетика во ентериерот. Во просторот има и груби индустриски црти преку површини како таванот и подот, кои Маринг ги вметнува со цел да пренесе во ентериерот дел од автентичната архитектонска структура на објектот.