Пуштен во употреба пешачкиот натпатник преку населбите Хиподром и Инџиково

Макфакс

08/12/2015

16:11

1.373

Големина на фонт

а а а

Во употреба се пушти новиот пешачки натпатник преку автопатот Скопје – Петровец, што ги поврза населбите Хиподром и Инџиково, во општината Гази Баба.

На официјалното пуштање во употреба на пешачкиот натпатник присуствуваа градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски, градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски, поголем број на пратеници во Собранието на Република Македонија, членови на советите на Град Скопје и Општина Гази Баба, како и жители на двете населени места.

„Изградбата на новиот натпатник е произод на барањата на жителите на Хиподром и Инџиково, кои бараа безбеден начин за преминување на автопатот. Новиот натпатик е изграден од челичен со бетонски столбови, челични скали и челични рампи, со кој се овозможи безбеден премин на пешаци, пешаци со велосипеди и лица со посебни потреби. Натпатникот е долг 63 метри, широк 5,4 метри, додека површината за движење е широка 3,1 метар. По должината на натпатникот е поставена ограда висока 2 (два) метра, изработена од челични профили и челична мрежа, како и конзоли за инсталации. На двете страни од оградата се поставени две електронски информативни табли кои овозможуваат емитување информации во боја, свртени кон коловозот. За изградба на новиот натпатник меѓу населбите Хиподром и Инџиково Градот Скопје потроши околу 38 милиони денари, а на терен работеа екипите на градежната компанија „Бауер БГ““, рече градоначалникот Трајановски.

Министерот Мисајловски изјави дека квалитетното урбано живеење е право на секој жител и дека реализацијата на овој капитален проект е уште еден пример за одличната соработка помеѓу локалната и централната власт.

Градоначалникот Трајковски изјави дека изградбата на овој натпатник е изграден на барање на локалното население и со него се добива безбедно поврзување на двете населените места.

За пристап кон натпатникот, односно кон скалите и рампите, од двете населени места, изградени се пешачки патеки со ширина од 3 метри, изработени од павер елементи. За одведување на атмосферските води од натпатникот изведена е атмосферска канализација со две ревизиони шахти и попивателен бунар. Новиот натпатник е осветлен од 12 канделабри, а осветлени се и рампите.

Со изградбата на овој проект ќе се овозможи непречено и безбедно движење на граѓаните од двете населби преку автопатот.


Спонзорирани линкови

Маркетинг