Партијата на Ердоган победи на изборите, но го загуби мнозинството во Парламентот

Нетпрес

08/06/2015

09:59

940

Големина на фонт

а а а

Турската владејачка партија на Правдата и развојот (АКП) освои најмногу гласови на вчерашните парламентарни избори, но првпат по 13 години, го загуби мнозинството во Парламентот на Турција, пренесува МИА.

Според турската државна телевизија (ТРТ), неофицијалните конечни резултати покажуваат дека АК партијата, по преброените 99 отсто од гласачките ливчиња, освоила 41 отсто од гласовите и 258 пратенички места.

Тоа се 18 пратеници помалку отколку што се потребни за да се извојува уверлива победа.

Со ваквиот изборен резултат, АК партијата не може да смета на двотретинско мнозинство во Парламентот, неопходно за спроведување на навестените уставни реформи и за проширување на овластувањата на претседателот.

Републиканската народна партија (ЦХП) освои 25 отсто од гласовите на Турците и останува втора по големина партиска група, со 132 пратенички места.

Најголем успех постигна прокурдска ХДП партија, која првпат самостојно учествуваше на едни избори во Турција и успеа да освои 13,1 отсто, што е повеќе и од најоптимистичките предвидувања.

„Ова е крај на разговорите за воведување претседателски систем во земјата, за зголемување на овластувањата на претседателските овластувања и на диктаторството„- изјави во Истанбул. лидерот на ХДП партијата, Салахатин Демитраш.

Тој рече дека неговата партија нема намера да влезе во коалција со владејачката партија.

Заменик лидерот на прокурдската партија, Сири Сореја Ондер рече дека изборните резултати се „ победа на демократијата врз политичката корупција и на мирот, врз војната“.

Со слична реакција се огласи и претставник на ЦХП партијата кој изјави дека губењето на мнозинтсвото за АК партијата е „јасна порака на турските гласачи против навестениот претседателски систем“.

Известувачите јавуваат дека во централниот штаб на владејачката партија, изборните резултати се примени со неверување и големо изненадување, како и дека следењето на резултатите било пропратено во „атмосфера на натаженост и нерасположение“.

Премиерот Ахмет Давутоглу реагираше со куса изјава во која порачува дека изборните резултати мора да се прифатат.

– Сите треба да сфатат, дека АКП е победникот на овие избори, изјави Давутоглу. – Никој не треба да се обидува да гради победа врз избори кои ги изгубил, им порача турскиот премиер на своите симпатизери од балконот на партиската централа во Анкара..

Тој уште потенцираше дека неговата партија нема намера да се откаже од плановите за подготвување нов устав, јави ТАСС.

Странските набљудувачи, пак, оценуваат дека станува збор за сериозен удар врз намерата на претседателот Реџеп Таип Ердоган да ги зголеми своите овластувања, со измена на Уставот на земјата. Проценките на политичките експерти се дека раководството на АК партијата би можело да се определи за формирање малцинска влада и да се подготвува за предвремени парламентарни избори.

Ердоган првпат беше избран за премиер во 2003 година, откако четири години пред тоа, беше градоначалник на најголемиот турски град Истанбул.


Спонзорирани линкови

Маркетинг