66 години ФК Вардар

Точка

22/07/2013

17:21

2.365

Големина на фонт

а а а

На денешен ден пред 66 години е формиран еден од најпознатите македонски спортски брендови, фудбалскиот клуб Вардар Скопје.

ФК Вардар. Име кое еднаш и засекогаш е врежано во срцето на секој искрен македонски вљубеник во фудбалот. Име со долга традиција, име со трофејна историја, име со светло минато, но сигурно и иднина...

Нашиот клуб денеска одбележува 66 години од своето формирање. Годишнина во очекување на утрешниот нов европски настап на клубот и тоа против поранешен европски шампион, Стеауа, момент кој дефинитивно треба да претставува импулс повеќе за сите наши фудбалери на својот „Филип Втори“ во вистинско светло да покажат уште еднаш која е вредноста на црвено-црните бои. Затоа што за Вардар се живее, затоа што Вардар безусловно секогаш се сака. Затоа што секоја нова вардарова генерација е должна да го чува неговото минато.

Погледнувајќи малку низ историјата на Вардар почетоците на клубот во рамките на Спортското друштво "Вардар" се од 22 јули 1947 година. Претходно, фудбалски клуб со име Вардар во Скопје имало уште од 1911 година, но познат како Вардар Топаана. Сепак, денешниот фудбалски клуб Вардар е формиран во 1947 година кога тогашните скопски спортски друштва "Македонија" и "Победа" одлучиле да се соединат во едно друштво кое ќе донесе дополнителен развој, масовност и квалитет на спортот во главниот град. Па, така во преполната сала на киното "Вардар", на 22 јули 1947 година со фузијата на овие две друштва започнало да работи и живее фискултурното друштво "Вардар".


За прв претседател на спортското друштво "Вардар" е избран Димче Беловски, а потпретседатели Ѓорѓи Икономов и Александар Мартиновски. За секретар е избран Влајко Јосифовски, а за стручен секретар Панта Поленак. Со самото формирање на спортското друштво како една од секциите во него е и фудбалската во која беа впишани 93 члена.
Од тогаш па до денес се е историја, преку настапите во шампионатите на поранешна СФРЈ, па потоа и во независна Македонија.

Во трофејната историја на нашиот клуб запишани се осум шампионски титули, седум во независна Македонија и една во поранешна СФРЈ, пет Купа на Македонија и еден Куп на Маршал Тито. Досега во историјата Вардар има и 64 официјални европски настапи, од нив 16 во Купот на европските шампиони и потоа во Лигата на шампионите, 28 во Купот на УЕФА, 4 во Купот на победниците на куповите, 6 во Интертото Купот и 10 во Митропа Купот.

Утре на „Филип Втори“ од 20:45 часот „вардарци“ ги очекува и 65-от европски натпревар со надеж дека ќе стигне и до својата 16-та победа на дуелите во рамките на натпреварувањата на Стариот континент.

Превземено од официјалната страница на македонскиот шампион.