Музејот на Старата скопска чаршија ве враќа назад во времето

Нетпрес

04/03/2013

12:32

10.797

Големина на фонт

а а а

Често слушаме од старите за турската чаршија во срцето на Скопје, која почива под Калето, блиску до Вардар, на калдрмата стара со векови.

Тие се сеќаваат на вревата, на метежот, на дуќаните, занаетите, велат имало и од пиле млеко. Но, тоа одамна исчезнало, па денес, место познатите занаети, останале само искршени излози, онаму каде се правеле самари, денес има кафулиња, а оние дуќани што останаа, на прсти се бројат посетителите.

Огромната важност на Старата скопска чаршија сама по себе го поттикна обновувањето на Музејот на старата скопска чаршија, сместен во споменикот на културата Сули Ан.

Минатиот месец, Музејот беше збогатен и оживеан со обновената и збогатена поставка сместена во целосно реновиран простор. Иако сместена во неколку мали простории, оваа постановка не враќа назад во времето на занаетчиството, а предметите од археолошките истражувања од Чаршијата и Скопското кале говорат за периодот на Османлиите, а низата фотографии, стари и црно-бели, раскажуваат за развојот на чаршијата.



На обновувањето на Музејот се работеше скоро две години, а град Скопје за оваа намена од Буџетот издвои 3,4 милиони денари.

Од отворањето минатиот месец па се’ до денеска, од Музејот информираат дека има огромна посетеност, особено поради тоа што возобновената поставка навистина има што да покаже.



Постановката во музејот прв пат беше отворена во мај 1983-тата година и надополнета со историскиот дел во 1985-тата година. Кон крајот на 2012-тата истата е збогатена и модернизирана со нови медиуми за презентација.

При обиколката на Музејот, она што остава најголем впечаток е неверојатно уредената Градска соба од крајот на 19-от и почетокот на 20-от век, која ви дава чувство како навистина да живеете во тоа време. Истата е опремена со исклучително автентични елементи кои дефинитивно го одземаат здивот со нивната уникатност и убавина.



Во Музејот покрај оваа соба, може да се видат и голем број на елементи од најпознатите занаети кои во тоа време опстојувале во Старата скопска чаршија.

Археолошкиот дел, преку монети и ќерамички артефакти, дава слика за животот во чаршијата во средниот век, како сплет на трговската и културната дејност во овој крај.





Етнолошкиот дел ја отсликува Чаршијата преку нејзините најдоминантни занаети, ќурчиско-кожуварски, папуџиски, терзиско – срмаџиски, кујунџиски, казанџиски и други.







Историскиот дел, пред изложени фотографии, карти и планови, го прикажува основањето и развојот на познатата турска чаршија која плени со нејзината старост и уникатност, а која говори за минатото.





Музејот, не е само сведок за богатото минато во Чаршијата, тука е вистински доказ за културата, за занаетите, за едно време кое одамна е запрено, но, овој Музеј нема да дозволи и да се заборави. Покрај Македонците, главни гости се и многуте туристи кои секогаш фасцинирани излегуваат од Сули Ан.



Спонзорирани линкови

Маркетинг