Вицепремиерот Александар Николоски најави дека забрзувањето на изградбата на автопатот Прилеп-Битола ќе резултира со отворање на околу 1.200 нови работни места, пред сè за градежни инженери и други професии поврзани со инфраструктурниот проект.
Забрзувањето на изградбата на автопатот Прилеп – Битола ќе отвори околу 1.200 работни места, најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на саемот за вработување во Прилеп, организиран од компанијата „Бехтел и Енка“.
Новите работни места ќе бидат наменети за градежни и сообраќајни инженери, геодети, технички и лабораториски кадар, оператори на градежни машини, возачи, како и квалификувани и неквалификувани градежни работници.
Николоски истакна дека проектот претставува голема можност за жителите на Пелагонискиот регион, особено за младите инженери и за оние кои сакаат да стекнат работно искуство на голем инфраструктурен проект. Тој ги повика заинтересираните од Прилеп, Битола, Ресен, Крушево, Демир Хисар и околните општини да аплицираат за работните позиции.
Според Николоски, компаниите „Бехтел и Енка“ се меѓу компаниите со највисоки исплатени плати во земјава. Просечната нето-плата во 2025 година изнесувала 137.000 денари, додека најниската плата, како што посочи, изнесувала 60.000 денари.
Саемот за вработување ќе трае неколку дена, а заинтересираните ќе имаат можност да се запознаат со условите за работа и потребните професии.
Според најавите, интензивните градежни активности на автопатот Прилеп – Битола треба да продолжат во наредните три години.








