Јаневска не гледа логика во студентскиот протест: „Државата им нуди повеќе од тоа што го имаат“

Макфакс

28/11/2026

14:20

173

Големина на фонт

а а а

Министерката за образование Весна Јаневска смета дека студентите ќе добијат повеќе поволности со новата мерка за субвенциониран студентски оброк и не гледа причина за протестите.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска не гледа причина студентите да протестираат против најавените промени во мерката за субвенциониран студентски оброк, оценувајќи дека новото решение ќе им понуди повеќе поволности од досегашните.

Јаневска информираше дека забрзано се работи на проектот за студентска картичка, со која студентите ќе добијат 20 отсто попуст на услугите достапни преку апликацијата „М-услуги“.

Таа посочи дека е формирана работна група и дека е во комуникација со претставниците на студентските собранија, со цел што побрзо да се подготви законско решение.

Осврнувајќи се на најавениот студентски протест, министерката рече дека правото на протест е загарантирано, но не ја разбира причината за незадоволството, бидејќи, според неа, новата мерка ќе им овозможи повеќе поволности.

„Државата им нуди повеќе од тоа што го имаат, а тие сакаат против тоа да протестираат. Не ја гледам логиката“, изјави Јаневска.