Емилија Ангелова, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, постави прашања до министрите за образование и социјална политика за позитивната оценка од Европската комисија за напредокот во образованието и за отворањето нови детски градинки како дел од мерките за подобрување на условите за децата и младите.
Емилија Ангелова, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, постави две пратенички прашања до министерката за образование и второто прашање до министерот за социјална политика, демографија и млади.
„Образованието не е само процес на стекнување на знаење, ниту пак само еден од многуте владини политики, образованието е темелот врз кој ја градиме иднината на нашата држава, но и можноста секое дете без разлика од кое семејство доаѓа и во какви услови расте да го оствари својот потенцијал. Во таа насока сакам да го истакнам и значењето на позитивната оценка во извештајот на Европската комисија за напредокот во областа на образованието. Притоа почитувана министерке, на што конкретно се должи позитивниот извештај на Европската комисија во областа на образованието? Кои се реформите, постигнувањата и резултатите што ја донесоа оваа оценка и како тие позитивни поместувања ќе ги почувствуваат нашите ученици, студенти, наставници и младите во секојдневниот живот“, рече Ангелова.
Второто прашање на пратеничката се однесуваше на отворањето нови детски градинки и проширувањето на постојните капацитети за згрижување на деца, досегашните резултати во општините и населените места, како и идните планови и мерки на Министерството за обезбедување достапно место во градинка за секое дете.
„Секое дете заслужува безгрижно детство, сигурна средина, љубов, внимание и можност за правилен раст и развој, а секој родител заслужува спокојство и сигурност дека неговото дете е згрижено во безбедна и квалитетна институција. Детските градинки не се само објекти и места на згрижување, тие се првата врата кон образованието, социјализацијата, создавањето навики, развивањето таленти и градењето самодоверба кај децата. Во изминатиот период сме сведоци на отворање нови детски градинки и проширување на капацитетите за згрижување на најмладите. Можете ли конкретно да ни посочите во кои општини, населени места се отворени нови градинки, колку нови места за згрижување на деца се обезбедени и дали навистина станува збор за најинтензивниот процес на отворање и проширување на градинки досега. Исто така, кои се следните планови на Министерството? Во кои општини се планира отворање нови градинки во наредниот период и кои конкретни мерки ќе ги преземете за да обезбедите секое дете да има достапно место во градинката без разлика во кој дел од државата живее“, истакна Ангелова.












