Министерот за одбрана Ричард Марлс го упати извинувањето во Претставничкиот дом. Забраната беше укината во 1992 година.
Австралиската влада на 25 ноември официјално им се извини на сегашните и поранешните припадници на вооружените сили кои биле дискриминирани поради својата сексуална ориентација. Извинувањето во Претставничкиот дом го упати вицепремиерот и министер за одбрана Ричард Марлс.
Според Министерството за одбрана, поранешните правила довеле до надзор, истраги и испрашувања, а дел од припадниците морале да ја напуштат службата. Австралија ја укина забраната во 1992 година.
Во септември парламентот усвои законски измени што овозможуваат бришење на историски осуди за дела поврзани со овие правила. Поранешните припадници што биле отпуштени поради дискриминаторска политика можат да побараат преиспитување на одлуката и исправка на службената евиденција.
Според австралиското Министерство за одбрана, засегнатите лица можат да поднесат барање за бришење на старите осуди за доброволни истополови односи. Ако барањето биде одобрено, осудата правно се третира како никогаш да не била изречена.
Барање може да поднесе и овластен претставник, а семејствата на починати ветерани можат да го сторат тоа во нивно име, наведува Министерството. За поранешните припадници што биле отпуштени врз основа на тогашните правила, предвидена е посебна постапка за преиспитување на отпуштањето.

Отворањето на стариот парламент во Канбера, 1927 година · Фото: Commonwealth of Australia / Wikimedia Commons.
Кавер: Ryan Wick / Wikimedia Commons, CC BY 2.0.











