Општина Крива Паланка ја поздравува одлуката на Владата со која се утврдуваат надлежностите на институциите за решавање на долгогодишниот проблем со говедата. Градоначалникот Митовски изразува претпазливост, но нагласува дека се дава простор за реализација на Акцискиот план и се ставаат во мирување најавените протести додека се следат конкретните резултати.
Општина Крива Паланка, ја поздравува информацијата за вчерашната одлука на Владата, со која се утврдуваат конкретните задолженија на надлежните државни институции за решавање на долгогодишниот проблем со говедата на територијата на општината.
„По две и пол години аргументирана, упорна и континуирана борба, граѓаните на Крива Паланка се пред победа. Како градоначалник ја поздравувам оваа одлука, со која се потврдуваат нашите досегашни аргументи и ставови во однос на законските надлежности и одговорноста на институциите за решавање на проблемот“, истакнува Митовски.
Со владините задолженија се утврдуваат конкретните обврски на надлежните институции:
· Агенцијата за храна и ветеринарство – заловување и одземање на говедата и носител на оперативните активности.
· Агенцијата за управување со одземен имот – преземање, транспорт, сместување и згрижување на одземените говеда.
· Министерството за внатрешни работи – полициска асистенција и обезбедување на теренските активности.
· Центарот за управување со кризи – оперативна координација.
· Дирекцијата за заштита и спасување – обезбедување на неопходната логистичка, техничка и кадровска поддршка.
· Бирото за процена – утврдување на вредноста на одземените говеда.
Митовски нагласува дека токму на ваквата распределба на законските надлежности Општина Крива Паланка континуирано укажуваше во изминатите две и пол години.
„Ова е значаен чекор напред, но нашата борба не завршува тука. На институциите ќе им дадеме шанса и простор да го реализираат Акцискиот план и во овој момент ги ставаме во мирување плановите за најавените протести“, информира градоначалникот.
Митовски посочува дека, и покрај прифаќањето на аргументите за надлежностите, остануваат отворени суштински прашања во однос на динамиката, опфатот и целосната реализација на предвидените активности.
„Како градоначалник останувам претпазлив, особено поради фактот што во информацијата усвоена од Владата не се утврдени конкретни рокови за донесување на Акцискиот план, ниту за почеток и завршување на теренските активности. Дополнително, предвидената акција ги опфаќа говедата за кои постојат правосилни и извршни решенија за одземање, а останува отворено прашањето за постапувањето со останатите говеда што го создаваат проблемот. Нема ниту одговор на прашањето за обесштетување на граѓаните кои претрпеа материјални штети. На дневна основа активно ќе го следам исполнувањето на секое од задолженијата на надлежните институции. Очекувам конкретни резултати на терен, без дополнително одолговлекување. Ставањето на протестите во мирување е израз на нашата подготвеност да им дадеме простор на институциите да постапат, но во никој случај не значи откажување од нашите барања за целосно и трајно решавање на проблемот“, нагласува Митовски.
„Вистинската победа ќе ја прогласиме тогаш кога нашите граѓани ќе можат безбедно да се движат, кога нивните имоти ќе бидат заштитени и кога ќе престанат штетите со кои секојдневно се соочуваат. Дотогаш, нема отстапување“, порача градоначалникот на Крива Паланка.
















