Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денеска изврши увид во работните активности на целосната реконструкција на паркот „Жена – Борец“ во Скопје, нагласувајќи дека проектот напредува со силно темпо и се фокусира на обновување на пешачките патеки, урбаната опрема и зеленилото во паркот.
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска изврши увид во работните активности за целосна реконструкција на паркот „Жена-Борец“.
– Целосната реконструкција напредува со силно темпо. Во срцето на градот, меѓу зеленилото и спомен-обележјата, генерации наоѓале свое место за средба, за прошетка и за краток одмор од градската врева. Сакам и следните генерации да го доживуваат овој парк со истата блискост и да го затекнат уреден и негуван. Старите плочки ги заменуваме со нови и ги обновуваме пешачките патеки, за овој простор да добие изглед достоен за неговото место во срцето на Скопје. Ја реставрираме и постојната урбана опрема, а со дополнително хортикултурно уредување го збогатуваме парковското зеленило – изјави Ѓорѓиевски.
Градоначалникот истакна дека претходно беше обновено спомен-обележјето на децата бегалци, кое беше вандализирано, а по периодот во кој беше згаснат, кај фонтаната повторно гори Вечниот оган.
– Со обновата на овие обележја го чуваме и сеќавањето што му дава посебно значење на овој парк. Моја одговорност е скопските паркови да ја добиваат грижата што ја заслужуваат, и денес, додека ги обновуваме, и секој ден потоа. Затоа продолжуваме со нивно редовно одржување и со подигнување нови зелени површини, за секоја генерација скопјани да има свое место под сенка, своја клупа и спомени во парк. Скопје се сака со дела – рече Ѓорѓиевски.








