Минчев: Граѓаните не смеат да бидат заложници на неефикасни институции

Макфакс

24/11/2026

13:30

143

Големина на фонт

а а а

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, истакна дека граѓаните не смеат да бидат заложници на неефикасни институции и нагласи дека реформата на јавната администрација е насочена кон подобрување на квалитетот на услугите преку професионални и одговорни службеници. Министерството вложува во континуирана обука и развој на кадарот во насока на зголемување на ефикасноста и транспарентноста во институциите.

Професионалноста не е она што го пишува во нашето работно решение. Професионалноста е она што граѓанинот го добива кога ќе влезе во институцијата. Ова го истакна министерот за јавна администрација, Горан Минчев, на денешните генерички обуки за административните службеници во Охрид, нагласувајќи дека суштината на реформата на јавната администрација не е само во промената на законите, туку во конкретната промена што граѓаните ќе ја почувствуваат преку поквалитетни услуги, поголема ефикасност и одговорни институции.

Министерот потенцираше дека државата не може да биде силна без професионални и компетентни луѓе во институциите, поради што Министерството инвестира во континуираното унапредување на знаењата и вештините на административните службеници. Oбуките се насочени кон три клучни области: менторство, комуникациски вештини, еднаквост и недискриминација, со посебен акцент на нивната практична примена во секојдневното работење и односот со граѓаните.

„Нашата цел е институции кои нема да бидат пречка за граѓаните, туку нивна поддршка. Институции кои нема да го трошат времето на граѓаните, туку ќе го почитуваат“ порача Минчев, посочувајќи дека професионалниот развој мора да стане траен и системски процес, достапен за секој административен службеник, независно од институцијата и местото каде што работи.

Во таа насока, Министерството интензивно работи на воспоставување на Академијата за стручно усовршување и обука на административните службеници, која ќе започне со работа на почетокот на 2027 година. Академијата ќе претставува нов институционален модел за континуирано учење, развој на компетенции и унапредување на професионалните стандарди.

Минчев се осврна и на пошироките системски промени што ги спроведува Министерството, меѓу кои и новата законска рамка за административните службеници и Законот за високите раководители, со кои се поставуваат појасни критериуми за професионалност, избор, оценување и одговорност. Тој потенцираше дека раководните позиции мора да носат одговорност за резултатите, а професионалниот придонес, компетентноста и интегритетот да бидат вистинската мерка за напредување и вреднување во институциите.

„Државата не е силна кога има голем број на институции, туку кога институциите имаат капацитет да им служат на граѓаните“ истакна министерот, нагласувајќи дека реформата на јавната администрација е заедничка одговорност на сите институции и административни службеници.

Министерството за јавна администрација останува посветено на создавање услови во кои знаењето, стручноста и професионалниот интегритет ќе бидат најголемата вредност на секоја институција. Преку континуирана поддршка, нови можности за учење и вложување во човечките капацитети, Министерството докажува дека квалитетот на јавната администрација започнува од луѓето, а се потврдува преку нивната работа, однос и одговорност кон граѓаните.