Американските шумари објавија документи за Бигфут: Ова мора да го видите, деталите изненадија многумина

Точка

23/11/2026

17:34

555

Големина на фонт

а а а

Американската влада објави документи поврзани со едно од најпознатите митски суштества од локалниот фолклор – Бигфут, познат и како Сасквоч.

Во нив се наоѓаат извештаи за необични траги, сведоштва на ловци и детали од истраги што со децении го привлекувале вниманието на јавноста.

Случаи од Монтана и Орегон

По примерот на Пентагон, кој на почетокот на 2026 година ја прошири јавно достапната архива за неидентификувани летечки објекти, и Шумарската служба на својата веб-страница објави помала збирка документи за мистериозното суштество (погледнете ТУКА).

Сојузната агенција, која работи во рамките на Министерството за земјоделство на САД, на 15 октомври ги објави документите под наслов „Bigfoot/Sasquatch Records“, во согласност со Законот за слобода на информации.

Според податоците на веб-страницата, историските документи потекнуваат од нејзината канцеларија во Вашингтон, но се однесуваат на средби и случаи поврзани со Бигфут во сојузните држави Монтана и Орегон.


Меѓу нив е и исечок од весник од 2003 година за мистериозни отпечатоци пронајдени во Монтана. Текстот, преземен од едно издание на весникот „Clark Fork Valley Press“, опишува „стотици неидентификувани траги“ пронајдени во близина на пат. Во него се пренесени и разговори со мештаните што ги откриле.

Заедно со написот се објавени и фотографии од наводните отпечатоци, за кои жителите претпоставувале дека „му припаѓаат на Сасквоч“.

„Што друго би можело да биде?“, се запрашал еден од нив.

Друг документ содржи истрага на Министерството за земјоделство на САД за пријавени „траги пронајдени во шума во Орегон во 1982 година“.

„Необични траги“

Извештајот се занимава со уште едно наводно откривање отпечатоци од Бигфут во сливот на потокот Мил Крик, во Националната шума Уматила во Орегон. Документот, кој датира од 18 јуни 1982 година, опишува три случаи во кои биле забележани наводни траги и содржи фотографии од тие наоди.

Според извештајот, во текот на истрагата биле направени и гипсени одливки од отпечатоците, пренесува „People“.

Родни Џонсон, во документот наведен како биолог за диви животни, напишал дека заклучил оти големите отпечатоци „не ги направило суштество што оди на две нозе и тежи повеќе од 136 килограми“, опис што во голема мера потсетува на вообичаените претстави за Бигфут.


Џонсон во извештајот од 1982 година навел и дека, доколку трагите биле лажирани, некој морал да „вложи исклучително многу труд и внимание во нивната изработка“.

„Речиси би се посомневал дека за изработката на тие ’лажни‘ стапала морало да биде употребена одливка направена според вистинско стапало. Меѓутоа, ако било така, би требало да бидат видливи и останатите набори на стапалото“, се наведува во документот.

Третиот документ претставува лично сеќавање на уште една средба со „необични траги“ во Монтана, за време на ловечка експедиција во 1949 година. Историскиот извештај од областа Пети Крик го составил Лео Кини, кој се присетил дека тогаш забележал „низа отпечатоци“.

Групата од четворица ловци верувала дека трагите му припаѓаат на суштество што им го украло лосот што претходно го застрелале за време на ловот.

Наводни средби во Охајо

Кини најпрво напишал дека помислиле оти станува збор за „голема мечка“, бидејќи покрај отпечатоците забележале и „силен мирис“ и „звук на ’ржење“.

„Меѓутоа, мечките не одат само на задните нозе, освен на кратки растојанија, а обично би влечеле толку голем труп“, напишал тој.

„Што и да било, го подигнало целиот лос, така што тој не ја допирал земјата“, додал Кини.

Сепак, иако објавувањето на документите е ново, тие не претставуваат нужно нови докази дека Бигфут навистина постои.


Дејвид Дејглинг, професор по антропологија и автор на книга за наследството на Бигфут во американската култура, за „New York Times“ изјавил дека документите што ги објавила Шумарската служба се „вообичаена приказна за Бигфут“.

„Објавувањето на овие документи во никој случај не е револуционерно“, порачал тој.

Документите беа објавени неколку месеци по низата наводни средби со мистериозното суштество во Охајо, кои претходно годинава повторно го разбудија интересот за Бигфут. Тамошните случаи биле најбројни уште од доцните седумдесетти години.

Приближно во исто време, документаристот Марк Еванс сними филм, премиерно прикажан на фестивалот „SXSW“, за кој тврди дека конечно докажува оти најпознатата снимка од Бигфут на сите времиња всушност е „неверојатна измама“.