Кошта предложи нов план за буџетот на ЕУ, со приход од дигиталните услуги

Точка

22/11/2026

07:15

243

Големина на фонт

а а а

Предлогот за периодот 2028–2034 предвидува нови извори на приходи, повеќе средства за истражување и студентска мобилност и финансирање за достапно домување.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на 21 ноември им претстави на земјите членки ревидиран предлог за долгорочниот буџет на ЕУ за периодот 2028–2034. Еден од предложените извори на приходи е давачка врз приходите од дигитални услуги на големите компании.

Во пакетот од пет извори се и приходи поврзани со јаглеродното гранично приспособување, нерециклираниот електронски отпад, тутунските производи и системот за тргување со емисии. Според Европскиот совет, просечниот национален придонес би се зголемил од 0,80 на 0,82 проценти од бруто националниот доход на земјите членки.

Зградата Европа во Брисел

Зградата „Европа“, седиште на Европскиот совет во Брисел. Фото: Samynandpartners / CC BY-SA 4.0. Кавер: Sébastien Bertrand / CC BY 2.0.

Во споредба со сегашниот буџетски период, планот предвидува 57 проценти повеќе за „Хоризонт Европа“ и 25 проценти повеќе за „Еразмус“. Кошта предлага и средства за достапно домување уште од почетокот на буџетскиот период, особено во средини каде што има најголем притисок врз цените.

Лидерите ќе разговараат за предлогот на состанокот на Европскиот совет на 26 и 27 ноември. За усвојување на долгорочниот буџет е потребна едногласност меѓу земјите членки.