Трамп се закани со високи даноци за американските компании што ќе градат центри за податоци во странство

Макфакс

21/11/2026

17:10

127

Големина на фонт

а а а

Доналд Трамп најави дека ќе воведе високи даноци и казни за американските компании кои ќе градат центри за податоци надвор од САД, со цел да се поддржи развојот на овие капацитети на домашна територија и да се спречи привилегирана улога на Кина во областа.

Американскиот претседател Доналд Трамп најави високи даноци и финансиски казни за американските компании што ќе инвестираат во изградба на центри за податоци надвор од САД, нагласувајќи дека ваквите капацитети треба да се развиваат на американска територија.

„Нема да им дозволиме на нашите компании да градат центри за податоци надвор од нашата земја“, изјави Трамп на прес-конференција во Белата куќа.

Тој предупреди дека компаниите што ќе ги насочат инвестициите кон други држави ќе се соочат со „огромни даноци“ и казни. Според него, одлуката на американските компании да го преселат производството на полупроводници во странство веќе ѝ нанела штета на американската економија и придонела САД да заостанат во одредени стратешки индустрии.

Трамп оцени дека Кина би можела да ја преземе водечката улога во развојот на центрите за податоци доколку американските компании продолжат да инвестираат надвор од САД.

Истовремено, тој ги повика граѓаните да ја поддржат изградбата на вакви капацитети во нивните локални заедници, но и да бараат конкретни придобивки од инвеститорите.

„Треба да ги искористите предностите што ги носат центрите за податоци. Барајте да ви платат, да ѝ платат на вашата заедница, но немојте да ги отфрлате“, порача Трамп.