Синдикалната минимална кошница достигна скоро 71.000 денари, а вкупните потреби на семејствата со кирија надминуваат 90.000 денари. Опозициската партија СДСМ ја критикува владата на Мицкоски за неспособноста да ги следи зголемените трошоци и да ја зголеми минималната плата и оброците за студентите, предупредувајќи за сериозно осиромашување и натамошно задолжување на граѓаните.
Вредноста на синдикалната минимална кошница во ноември достигнала 70.827 денари, што е зголемување за 469 денари во споредба со претходниот месец. Со вклучена кирија за стан, потребните месечни трошоци за едно семејство достигнуваат околу 90.000 денари, а ниту три минимални плати не се доволни за нивно покривање, обвинуваат од опозициската СДСМ.
Од партијата посочуваат дека само за храна и пијалаци на едно семејство му се потребни околу 26.000 денари месечно, а најавените поскапувања на електричната енергија и парното од почетокот на 2027 година дополнително ќе го оптоварат семејниот буџет.
„Народот едвај врзува крај со крај, затоа што платите не ги следат поскапувањата. Наместо конкретни мерки и решенија за намалување на цените и помош за ранливите категории, владата на Мицкоски не прави ништо. Граѓаните се оставени сами да се справуваат со растечките трошоци и сè потешкиот живот“, се вели во партиското соопштение.
Од СДСМ ја обвинуваат власта и за одбивањето да ја зголеми минималната плата на 600 евра, наведувајќи дека нема доволно средства за работниците, земјоделците и зголемување на студентскиот оброк, додека, според нив, пари има за тендери.
„Арамиската власт на Мицкоски ги осиромашува граѓаните, а во исто време им трупа нови долгови на грбот на идните генерации. Четири милијарди евра за две години и уште две милијарди евра нови долгови за 2027 година кои се најавуваат.
Парите одат само за криминални тендери, а не за граѓаните кои се со празни паричници и празни фрижидери“, обвинуваат од СДСМ.








