Претстави од Словенија и Србија вечерва на МОТ

Макфакс

20/11/2026

15:20

88

Големина на фонт

а а а

Вечерва на 51. издание на Млад отворен театар – МОТ ќе бидат изведени две театарски претстави од Словенија и Србија кои ги обработуваат теми за општеството, слободата, моќта и женскиот глас.

Вечерва, во рамки на 51. издание на Млад отворен театар – МОТ, публиката ќе има можност да проследи две театарски продукции од регионот, кои преку различни сценски јазици отвораат прашања за општеството, слободата, моќта, идентитетот и видливоста на женскиот глас.

Програмата започнува во 20:00 часот во салата „25 Мај“ во МКЦ, со претставата „МАНИФЕСТ“, во изведба на Словенско младинско гледалишче и Театар Глеј од Словенија, во режија на Татјана Першух.

Претставата се занимава со еден од најконтроверзните текстови на современата американска историја – манифестот на Тед Качински, познат како Унабомбер. Поаѓајќи од неговите радикални ставови за индустриското општество и технолошкиот напредок, „МАНИФЕСТ“ отвора провокативна сценска дискусија за односот меѓу човекот и технологијата, границите на општествените реформи и последиците од цивилизацискиот развој. Претставата не нуди едноставни одговори, туку го поставува прашањето колку од овие идеи и денес ја засегаат нашата реалност. Гостувањето на Словенско младинско гледалишче има посебно значење за МОТ, со оглед на долгогодишната традиција на соработка и присуство на оваа значајна словенечка театарска институција на фестивалот. Нивното повторно гостување по подолга пауза претставува продолжување на една важна регионална театарска врска и потсетување на континуитетот на МОТ како простор за размена, средби и претставување на релевантни современи театарски продукции од регионот.

Вечерта продолжува во 22:00 часот, на Малата сцена на Македонската опера и балет, со претставата „ТРИ ЖЕНИ“ од Србија, со концепт на Ирена Поповиќ Драговиќ, Кала Драговиќ и Катарина Ранковиќ.

Опишана како „скршена опера“, „ТРИ ЖЕНИ“ е поетски и подвижен театар на границата меѓу концертот, операта, перформансот и документаристичкиот театар. Преку специфичен сценски и музички израз, претставата ги истражува женското авторство, женското знаење и правото на жените да заземат простор во јавноста. Ова е сценски чин што не бара дозвола за присуство, туку го освојува просторот и го прави видливо она што историски било потиснувано.

Двете претстави се изведуваат на оригиналните јазици, со обезбеден превод на македонски јазик.

Билетите за претставите во рамки на фестивалот може да се набават онлајн преку платформата bileti.mkc.mk, како и физички на билетарницата на МКЦ или на билетарницата на фестивалската локација каде што се изведува претставата.