Советот на ЕУ денеска ја усвои регулативата за онлајн пријавување. Државите ќе можат доброволно да ја користат заедничката платформа наместо своите национални системи.
Единствена онлајн пријава треба да го олесни привременото упатување работници во друга членка на ЕУ, според регулативата што Советот на Унијата ја усвои денеска, 19 ноември.
Европската комисија ќе воспостави повеќејазичен јавен интерфејс со стандарден образец и заеднички барања за информации. Платформата ќе овозможува доставување придружни документи и комуникација меѓу компаниите и националните органи.

Учеството на државите ќе биде доброволно. Работниците ќе можат да добијат електронска копија од својата пријава, а системот треба да ги почитува правилата за заштита на податоците.
Според соопштението на Советот на ЕУ, годишно во Унијата има околу 3,6 милиони вакви упатувања. Процената е дека заедничкиот систем може значително да го намали административниот товар, зависно од бројот на држави што ќе се приклучат.
Регулативата ќе стапи во сила три месеци по објавувањето во Службениот весник на ЕУ.








