Пакомак донира 60 специјализирани контејнери за селекција и одложување стаклен отпад на Град Скопје, како поддршка на напорите за поефикасно управување со отпадот и создавање почиста и поздрава урбана средина.
Новите контејнери ќе бидат поставени на соодветни локации низ градот и ќе им овозможат на граѓаните полесно и правилно да го одложуваат селектираното стакло. Со оваа донација, Пакомак директно придонесува кон унапредување на инфраструктурата за селективно одложување и кон зголемување на количините амбалажен отпад што ќе бидат собрани и рециклирани.

“Правилното одложување на стаклениот отпад има повеќекратно значење. Покрај тоа што придонесува за почисти улици, паркови и јавни површини, селекцијата овозможува стаклото повторно да се искористи како суровина. Воедно, со негово соодветно собирање се намалува ризикот од повреди, загадување и пожари, особено во периоди на високи температури”, истакна Филип Ивановски, извршен директот на Пакомак.

Донацијата е продолжение на заложбите на Пакомак за развој на одржлив систем за управување со амбалажниот отпад и за поттикнување еколошки навики кај граѓаните. Преку поставување контејнери за различни видови отпад и повратни вендинг-машини, компанијата постојано го олеснува учеството на граѓаните во процесот на селекција и рециклирање.
Пакомак и Град Скопје апелираат до граѓаните новите контејнери да ги користат совесно и во нив да одложуваат исклучиво стаклена амбалажа. Секое правилно одложено шише е мал, но важен чекор кон поефикасен систем за отпад, почисто Скопје и подобра заштита на животната средина.








