Седум полицајци во Србија завршија во притвор поради случајот со Данка Илиќ

Макфакс

18/11/2026

13:30

119

Големина на фонт

а а а

Седум полицајци во Србија се ставени во 30-дневен притвор поради сомнение дека ги малтретирале осомничените во случајот со убиството на двегодишната Данка Илиќ. Дополнително, осум други полицајци се опфатени во истрага за нанесување тешки повреди на братот на еден од осомничените.

На седум полицајци од Бор им е одреден 30-дневен притвор со одлука на Вишиот суд во Ниш, поради сомнение дека ги малтретирале и мачеле Срѓан Јанковиќ и Дејан Драгијевиќ, осомничени за убиството на двегодишната Данка Илиќ.

Полицајците биле уапсени на 14 ноември, а наводното малтретирање се случило додека Јанковиќ и Драгијевиќ биле задржани во Полициската управа во Бор во рамки на истрагата за убиството.

Портпаролката на Вишиот суд во Ниш потврдила дека притворот е одреден со неправосилна одлука, поради опасност од влијание врз доказите и сведоците, можност за повторување на кривичното дело и вознемиреноста на јавноста.

Вишото јавно обвинителство во Ниш соопшти дека и претходно издавало наредби за апсење на полицајците, но припадниците на Секторот за внатрешна контрола на Министерството за внатрешни работи не постапиле по нив.

Минатата недела Обвинителството наредило апсење и на уште осум полицајци, осомничени дека во полициската станица во Бор му нанеле тешки телесни повреди на Далибор Драгијевиќ, брат на осомничениот Дејан Драгијевиќ.

Далибор Драгијевиќ починал на 7 април 2024 година како последица на повредите.