Со завршувањето на групната фаза од Лигата на нации е познат составот на шеширите за ждрепката за квалификациите за Европското првенство во 2028 година. Ждрепката ќе се одржи на 6 декември во Белфаст, со почеток во 18 часот.
Македонската фудбалска репрезентација ќе биде во третиот шешир, што значи дека во квалификациската група ќе добие по еден противник од првиот и од вториот шешир. Во истиот шешир со Македонија се Шкотска, Украина, Косово, Полска, Романија, Израел, Грузија, Црна Гора, Албанија, Исланд и Словачка, па овие селекции нема да бидат наши противници.

Меѓу можните ривали од најсилниот шешир се Англија, Франција, Шпанија, Германија, Португалија и Италија. Од вториот шешир, Македонија би можела да добие противник како Србија, Турција, Швајцарија, Австрија или Шведска. Конечната распределба ќе зависи и од условите што важат за ждрепката.

Во квалификациите ќе има 12 групи со по четири или пет репрезентации. Македонија ќе добие и противник од четвртиот шешир, а доколку биде извлечена во група со пет селекции, и од петтиот.
Состав на шеширите за квалификациите за ЕП 2028
Прв шешир: Англија, Португалија, Франција, Германија, Шпанија, Белгија, Холандија, Данска, Грција, Италија, Норвешка и Хрватска.
Втор шешир: Велс, Србија, Турција, Чешка, Швајцарија, Шведска, Австрија, Унгарија, Северна Ирска, Словенија, Босна и Херцеговина и Република Ирска.

Трет шешир: Шкотска, Украина, Косово, Полска, Романија, Израел, Грузија, Македонија, Црна Гора, Албанија, Исланд и Словачка.
Четврт шешир: Естонија, Белорусија, Фарски Острови, Кипар, Финска, Молдавија, Ерменија, Бугарија, Луксембург, Казахстан, Летонија и Сан Марино.
Петти шешир: Малта, Азербејџан, Литванија, Андора, Гибралтар и Лихтенштајн. irishexaminer.com











