[ВИДЕО] „Во последните 10 години само еднаш сме биле на одмор“: Иџе за цената што ја плаќа неговото семејство за неговите победи

Точка

18/11/2026

10:25

827

Големина на фонт

а а а

Три европски титули, повеќе од 200 трки и 25 години кариера, но зад победите на Игор Стефановски - Иџе се кријат страв, огромни жртви и моменти од приватниот живот кои не можат да се вратат.

Во новата епизода на поткастот на Нина, RESET, Игор Стефановски - Иџе, еден од најуспешните македонски автомобилисти, отворено зборува за животот на еден професионален возач, притисокот да се остане на врвот и цената што ја плаќа еден спортист за да ги оствари своите соништа.

Оваа година за Иџе е јубилејна, односно 25 години во автомобилизмот, повеќе од 200 трки и три европски титули. И покрај сите успеси, страста кон автомобилите, возењето и победата, како што вели, останува иста како на почетокот. Но, патот до врвот не е ниту лесен ниту гламурозен како што често изгледа однадвор.

„Тешко е да се остане на врвот“, вели Иџе, објаснувајќи дека со секоја победа и секоја помината сезона очекувањата стануваат сè поголеми. Особено кога се натпреварува со најдобрите автомобилисти во Европа, кои имаат услови и ресурси далеку поразлични од оние со кои располагаат тој и спортистите од Балканот.

Еден од најемотивните моменти во разговорот е неговото сведоштво за жртвите што ги носи професионалниот спорт. Зад трките и победите остануваат пропуштени семејни моменти, одмори и родендени.

„Минатите десет години, со сопругата и децата сме биле еднаш на одмор“, открива Иџе, додавајќи дека дури минатата година за првпат успеал да присуствува на родендените на своите внуци, откако тие се родиле.

„Автомобилизмот е една машинерија, без простор за приватен живот“, е една од неговите највпечатливи реченици во разговорот.

Иако зад воланот нема простор за размислување, особено кога вози прототип со брзини поголеми од 240 километри на час, Иџе открива дека стравот никогаш целосно не исчезнува. Дури и по повеќе од 200 трки, пред секој натпревар чувствува страв, понекогаш и со нагони за повраќање.

„И јас сум човек и јас имам емоции, стравот преовладува апсолутно и после 200 изминати трки“, искрено раскажува тој, објаснувајќи дека со текот на годините научил да не ги покажува своите емоции пред најблиските, но и пред конкурентите.


Посебно место во неговиот живот има верата. Пред секој натпревар посетува црковен храм, се моли и бара духовен мир. Молитвата, како што вели, му дава сигурност и му помага да верува во себе.

Зборувајќи за опасностите на тркачките патеки, Иџе открива дека зад неговата професија најголемиот товар често го носат оние што го чекаат на целта, односно неговото семејство, родителите, сопругата, децата и тимот. Токму затоа, и покрај сопствените успеси и љубовта кон автомобилизмот, не може да се замисли неговите деца да тргнат по истиот пат.

„Не можам да ги гледам сопствените деца како возат трки. Не знам зошто, но имам страв“, признава тој.

Разговорот со Игор Стефановски - Иџе во RESET носи поинаква перспектива за успехот. Зад титулите и победите стои човек кој се соочува со страв, прави лични жртви, ја носи тежината на очекувањата и пред сè, не заборава колку е важна поддршката од луѓето што го сакаат.