Симболичната акција е вечерва по зајдисонце, пред „Војаџер 1“ утре да достигне растојание од еден светлосен ден од Земјата.
НАСА ги повикува луѓето ширум светот вечерва, 17 ноември, по зајдисонце да испратат симболичен светлосен поздрав за „Војаџер“. Поводот е историската оддалеченост што сондата „Војаџер 1“ треба да ја достигне утре.
Според официјалното објаснување на агенцијата, на 18 ноември во 11:16 часот по Скопје леталото ќе биде на еден светлосен ден од Земјата — околу 25,9 милијарди километри.

За учество во акцијата „Shine Bright for Voyager“ може да се употреби батериска ламба или телефон и со светло да се испратат буквите V-G-R во Морзеова азбука. Станува збор за симболична прослава, а не за воспоставување комуникација со сондата.
Еден светлосен ден е мерка за растојание: толку патува светлината за 24 часа. При таква оддалеченост, на радиосигналот му треба цел ден во една насока, а на командата и одговорот вкупно околу два дена.
Мисиите „Војаџер“ со себе носат Златна плоча со звуци, музика и пораки од Земјата. Денешната светлосна акција е замислена како заедничко одбележување на патувањето започнато пред речиси половина век.












