A-Net ги поврзува локалните заедници, граѓанските организации и службите за итни случаи. Пријавени се 125 учесници од Европа и Централна Азија.
Европската канцеларија на Светската здравствена организација ја започна мрежата A-Net за отпорност и заштита на заедниците, со 125 регистрирани учесници од 36 земји во Европа и Централна Азија.
Како што објави СЗО денеска, во неа се поврзуваат припадници на службите што први реагираат во итни случаи, граѓански организации и претставници на локалните заедници.

Преку онлајн-размена на искуства, учесниците треба да ја подобрат подготвеноста, одговорот и закрепнувањето при вонредни состојби. Меѓу ризиците што ги посочува организацијата се епидемиите, конфликтите, природните катастрофи, екстремните временски појави и хемиските инциденти.
Мрежата треба да помогне знаењето од локалните средини да се поврзе со алатките, насоките и ресурсите на СЗО, за полесно да се препознаат ризиците и да се развиваат практични решенија.
Иницијативата се надоврзува на научените лекции од пандемијата на ковид-19 и на барањата на земјите членки за посилно вклучување на заедниците во заштитата при кризи. Таа е дел од пошироките регионални напори за подобра подготвеност за идни вонредни состојби.












