Венко Филипче на денешната дебата во Собранието изјави дека актуелната власт свесно го блокира патот на Република Северна Македонија кон Европската Унија, што го оцени како државен удар, и упати критики за изолација, корупција и недостаток на напредок во процесот на европските интеграции.
Претседателот на СДСМ и претседател на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче, на денешаната дебата во Собранието на тема „Извештаите на Европската комисија за владеење на правото во Република Северна Македонија – наоди и парламентарен надзор“, нагласи дека власта на Мицкоски свесно го запира европскиот – политика која е на ниво на државен удар. Филипче посочи дека наместо напредок кон Европската Унија, земјата тоне во изолација, сиромаштија, корупција и невладеење на правото.
„Имам впечаток дека актуелната власт или не е свесна за последиците од политиките во однос на пристапувањето во Европска унија кои што сега се случуваат, а уште помалку свесна за последиците кои допрва доаѓаат во следниот период, или сето ова е еден свесен процес којшто е на ниво на државен удар да се запре европскиот пат на земјата“, рече Филипче.
Тој нагласи дека во изминатите две и пол години, власта нема направено ништо суштинско за приближување на земјата кон Европската Унија. Според Филипче, извештаите на Европската комисија јасно покажуваат сериозен застој.
„Не постои ниту една сфера во којашто изминатите две и пол години е направено нешто значајно суштински во насока на пристапување кон Европската унија. Кога ќе ја видите табелата, ќе видите дека е најмногу црвена. Има некои жолти, многу мали зелени полиња и сакам да им упатам порака на претставниците на власта дека тоа не е државата во којашто ние сакаме да живееме.Не сакаме изолација, сиромаштија, корупција, невладеење на правото, тоа што сето го детектирала и Европската унија кај нас. А сите полиња за коишто власта апсолутно ништо не прави изминатиот период“, рече Филипче.
Филипче предупреди дека блокадата на европскиот пат директно ќе се одрази врз економијата, бидејќи државата останува без пристап до европските фондови, додека власта се задолжува за да ги покрива тековните трошоци.
„Економијата ќе заглави во земјава поради тоа што немаме пристап до европските фондови. Гледаме како се задолжуваме за да се плаќаат тековни трошоци, плати, пензии и така натаму. Слаба реализација на капиталните проекти, огромни долгови, камати кои што ги плаќаме и за странско и за домашно задолжување. А од тоа граѓаните не гледаат ништо, само тонат во сиромаштија. Немаме човечки капацитет ниту соодветен квалитет на образованието за да се продуцираат луѓе коишто можат да се справат со овие проблеми“, рече Филипче.












