Левица: За закана кон Мицкоски се постапи експресно и се изрече притвор, а ниту обид за убиство на млада девојка не е доволен за притвор на насилник од „угледна“ вмровска фамилија

Макфакс

16/11/2026

14:10

227

Големина на фонт

а а а

Левица реагира на случајот со насилство во Охрид, критикувајќи ја селективноста на институциите кои брзо постапуваат за закани против Мицкоски, додека не реагираат соодветно за случаи на насилство врз невини граѓани, посебно млада девојка која била жртва на обид за убиство.

За Мицкоски е доволна една реченица на Инстаграм за да се активира целиот репресивен апарат, сами да го најдат коментарот, по допрен глас да постапат, сами да поднесат кривична пријава и да одредат притвор. За монструозно претепана девојка, ни болничкиот кревет, ни јавно изнесените фотографии и сведоштва не се доволни за насилникот да заврши во притвор, реагираат од Левица за случајот со насилство во Охрид.

Кога беше во прашање Мицкоски, обвинителството, додаваат од оваа партија, знаеше да ја препознае “опасноста од повторување и ескалација”.

„Кога е во прашање Сара, чие семејство јавно сведочи за брутално претепување, закани по живот, договори за убиство и заташкување на случајот – јавноста сè уште нема објаснување како е проценета опасноста за нејзината безбедност и како е ова праведно во крајна истанца?!Тошковски, државата не е приватно обезбедување на Мицкоски и вашите вмровски функционери, а Кривичниот законик не е напишан само за луѓето што му се заканувале на Мицкоски!
Безбедноста на една девојка не е помалку вредна затоа што впрочем нема ни службено обезбедување, политичка функција и кабинет од кој може да бара итна реакција“.

Од оваа партија оценуваат дека преку глава му е на народот од оваа, како што ја нарекуваат, арогантна селективност, „од институции кои покажуваат завидна жар и експресност кога треба да го “заштитат” политичкото раководство на власт, а чија решителност станува непрепознатлива кога заштита бара обична девојка!“.

И по сите јавно ибјавени политички релации што го опкружуваат случајот, некој сè уште ќе има дрскост да ни држи лекции дека „политиката не треба да се меша, додаваат од Левица.

Порачуваат дека е доста од општество во кое едни деца растат со страв од насилници, а други со уверување дека влијателното презиме им е линија на одбрана и недопирливост.