Полициски службеници од СВР Битола, заедно со бранителот и Основното јавно обвинителство, успеаја да обезбедат доброволно предавање на лице пријавено за семејно насилство кое претходно избегаше од полициска станица.
Денеска (16.11.2026) полициски службеници од СВР Битола, во координација со бранителот на лицето К.У. (24) и Основното јавно обвинителство Битола, презедоа мерки лицето доброволно да се предаде во СВР Битола.
Тој бил пријавен од неговата 21-годишна партнерка за насилство, а неколку дена беше недостапен за органите на прогонот, откако избегал од полициската станица во Битола.
„Денеска во 12:00 часот, К.У. доброволно се предал и е лишен од слобода. Со него се врши службен разговор од страна на инспектори од криминалистичката полиција при СВР Битола.
Против него, на 11.11.2026 година, е поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „Загрозување при семејно насилство“ по член 144 став 3 и „Телесна повреда при семејно насилство“ по член 130 став 2 од Кривичниот законик.
Полицијата соопшти дека се преземаат понатамошни мерки и активности во координација со надлежното Основно јавно обвинителство Битола.








