Вмровските врски на семејството Корабоски поважни од животот на Сара, дали посмртен наод е единствен доказ што го признаваат институциите, прашуваат од Левица

Макфакс

16/11/2026

12:00

160

Големина на фонт

а а а

Од партијата Левица поставуваат сериозни прашања за постапувањето на институциите во случајот со насилството врз Сара од Охрид. Тие критички го истакнуваат влијанието на политичките врски на семејството Корабоски во третманот на овој случај и бараат одговорност и објаснување за одлуките на судот и полицијата.

„Колку блиску до смртта треба да се приближи една девојка, жена за вмровските институции да реагираат? Колку треба да биде претепана една жена за државата да ја сфати сериозно? Колку коски треба да ѝ бидат скршени, колку закани треба да преживее и колку пати треба да се најде на работ меѓу животот и смртта за институциите да престанат да го третираат насилството како глупост“, прашуваат од Левица.

Како што подвлекуваат во реакцијата за случајот со насилтсвото во Охрид, „Сара од Охрид е во болница, а насилникот од „угледна“ вмровска фамилија, Кристијан Корабоски, е на слобода. И покрај тоа што Основното јавно обвинителство побарало притвор, судот го одбил предлогот и наместо тоа му определил мерки на претпазливост“.

Од оваа партија прашуваат дали единствениот доказ што институциите го признаваат како доволно сериозен е посмртниот наод.

„И додека една млада девојка ги трпи последиците од насилството со сопственото здравје и достоинство, над случајот надвиснува отворената политичка недопирливост. Мајката на осомничениот, Љубинка Корабоска, е поранешна претседателка на Антикорупциската комисија, членка на Општинскиот комитет на ДПМНЕ во Охрид, раководителка во државно претпријатие и донаторка на ДПМНЕ.

Тука е и татковиот грб со вмровско педигре – за кој се вели дека има блиски релации со Мицкоски, донатор на ДПМНЕ, бил инспектор во Пазарниот инспекторат, а актуелно е на раководна позиција во УЈП. Во меѓувреме, таткото на Сара бил задржан во полициска станица поради порака испратена до семејството на осомничениот, додека Корабоски останува надвор од притвор. Дали институциите побрзо реагираат кога треба да се справат со семејството на жртвата, отколку кога треба да обезбедат одговорност за осомничениот“.

Тошковски, нагласуваат од Левица, има прашања и треба како што велат, да одговара: „Дали полицијата ги документирала сите наводи за закани по живот? Дали воопшто обезбедила докази? Дали извршила процена на ризик? Дали на обвинителството му доставила целосни информации“.

Според партијата, обвинителството, треба да ја образложи првичната квалификација, причините поради кои побарало притвор и понатамошните чекори по одбивањето на предлогот. Но, пред сè, додаваат од таму, судот мора јавно да објасни врз основа на што го одбил предлогот на обвинителството и проценил дека мерките на претпазливост се доволни.

„Кои околности ги ценел судот и како ја проценил опасноста за Сара? Не може јавноста да добива повеќе информации од потресното сведоштво на една мајка отколку од институциите задолжени да ја гарантираат безбедноста на нејзината ќерка“.

Во целата оваа ситуација и фактичка состојба, како што оценуваат, неопходно е да се утврди и од каде произлегува самоувереноста во недопирливоста на насилникот и неговото семејство.

„Дали по насилството биле воспоставени контакти со функционери од ДПМНЕ, дали биле активирани партиски врски и дали некој се обидел да издејствува повластен третман? Сомнежот дека политичкото влијание одиграло улога во постапувањето по нападот и во околностите под кои Корабоски останува надвор од притвор е повеќе од оправдан. Секоја евентуална интервенција мора да повлече одговорност.

Поразително е што во оваа држава правдата сè почесто мора да се изнудува со јавен притисок наместо да произлегува од совесното постапување на институциите. Уште попоразително е што жртвите мора јавно да ги изложуваат сопствените страдања за нивниот глас воопшто да допре до надлежните. Но, кога институциите потфрлаат, молкот на општеството станува соучесник во неказнивоста! Затоа денес имаме должност да го кренеме гласот, да застанеме зад Сара и да не дозволиме насилниците да хараат со уверување дека нечие презиме, партиска книшка или моќен покровител ќе ги амнестира од одговорност.

Ниту еден насилник, евентуален помагач и службеник што ја злоупотребил својата положба не смее да остане надвор од посегот на правдата. Во држава која е трета во Европа по број на фемициди не смееме повторно да чекаме поголема трагедија за да се пробуди јавноста, ниту обдукција за да се разбудат институциите“.

Бараат одговорност и соодветни казни од прв до последен во целиот синџир, а случајот како што нагласија будно ќе го следат и нема да дозволат да се заташка.