Организаторите на „Разговори за иднината во 12:05“ изнесуваат став за важноста од конфискација на нелегално стекнат имот преку политичката корупција и ја потенцираат потребата од нови законски решенија кои ќе спречат амнестија за корумпираните политичари и ќе го подобрат правосудството во Македонија.
Организаторите на „Разговори за иднината во 12:05“ преку соопштение го изнесоа својот став во врска со најавата за донесување нов Кривичниот законик.
„Новиот Кривичен законик е резултат на притисокот на Европската Комисија, која и во годинешниот Извештај за напредокот на Македонија забележи за крајно негативните последици од скандалозните измени на кривичното законодавство од 2023. Факт е дека најавата за нов Кривичен законик е чекор напред во борбата против политичката корупција, но апсолутно не дава одговор како да се спроведе правдата и исполнат очекувањата на граѓаните“, велат од „Разговори за иднината во 12:05“.
„Борбата против политичката корупција не смее да се сведе на гола реторика и обиди за перење совест за претходните гревови!
Тоа што едни наводно изразуваат каење и ги оценуваат измените на Кривичниот законик во 2023 како грешка, а другите сега популистички најавуваат нова казнена регулатива која наводно ќе важела само за сегашните нивни функционери, а не и за претходните, не ја менува горчливата правосудна реалност. Мнозинството граѓани со право се сомневаат дека меѓу актуелната власт и опозиција постои договор за меѓусебна амнестија.
Да не заборавиме дека измените на Кривичниот законик во септември 2023 се усвоија во итна постапка, водена со ЕУ знаме, немаше ниту еден амандман од тогашната опозиција која направи кворум на гласањето, указот беше веднаш потпишан од тогашниот претседател на државата, а иницијативата за испитување на уставноста на овие измени и барањето за времена мерка со која ќе се стопираше примената на овие одредби беше конечно запрена од Уставниот Суд на 25 февруари 2026. Со скандалозните измени на Кривичниот законик се намалија затворските казни за злоупотреба на службената положба што отвори можност за брзо застарување на кривичните дела сторени со политичка корупција, се избришаа одредби кои предвидуваа казни за злоупотреба на јавни набавки и оштетувања на државниот Буџет. Проценката кажува дека околу 800 поранешни и сегашни носители на функции ги злоупотребуваат овие скандалозни измени на Кривичниот законик за ослободување од кривична одговорност.
Нема никаква дилема дека со скандалозните измени на Кривичниот законик од 2023 дел од политичарите – пазарџии и објавија војна на правдата во Македонија. Заради иднината на државата сметаме дека е дојдено крајно време од декларативни заложби да се премине на дела. Тоа и го должиме на актуелната младина и на генерациите кои доаѓаат. Корумпираните политичари без разлика на етничка, верска и партиска припадност мора да одговараат и покрај скандалозните измени на Кривичниот законик во 2023. Затоа, предлагаме:
· После членот 112 од актуелниот Кривичен законик со кој се дефинира „незастарливост на кривични дела геноцид и воени злосторства“, да се додаде нов член 112-а со кој ќе се дефинира незастарливост на кривичниот прогон и конфискацијата на противправно стекнат имот и за кривичните дела сторени од сите избрани и именувани лица како и од јавни и државни службеници во централната и локалната власт кои располагаат со буџетски средства и државен капитал а кои со незаконито однесување и политичка корупција стекнале противправна имотна корист. Со ваква законска интервенција ќе се испрати јасна порака дека никогаш повеќе нема да има ниту јавна ниту скриена амнестија за политичари;
· Во актуелниот Кривичниот законик, во главата триесетта каде се дефинирани „кривични дела против службената должност“, во членот 359-а кој го дефинира кривичното дело „противправно стекнување и прикривање имот“ да се зголемат минималните казни затвор и тоа од шест месеци на три години и од една на пет години, а максималните казни затвор да се зголемат од пет на десет години и од осум на петнаесет години;
· Конечно усвојување на посебен Закон за потекло на имот со кој ќе се создадат неопходните правни механизми за испитување на потеклото на движен и недвижен имот на сите сегашни и претходни избрани и именувани лица и нивните потесни семејства“, се наведува во соопштението од организаторите на „Разговори за иднината во 12:05“.
















