Голем пожар на тајландскиот остров Пукет, 11 загинати

Макфакс

16/11/2026

09:33

163

Големина на фонт

а а а

Единаесет лица загинаа, а 16 се повредени во голем пожар кој избувна на туристичкиот остров Пукет во Тајланд. Пожарот започнал во зграда со компании за изнајмување возила, а се проширил на други објекти, додека причините за пожарот се уште се истражуваат.

Единаесет лица загинаа, а 16 се повредени во пожар што избувна рано утринава во зграда на тајландскиот туристички остров Пукет, потврди полицијата.

Пожарот започнал во зграда во која се наоѓа компанија за изнајмување возила, а потоа се проширил на неколку соседни објекти.

Пожарот избувнал околу 3:17 часот по локално време, а на пожарникарите им требале два часа да го стават под контрола, соопштија тајландските власти.

Од 16-те повредени лица, 15 се државјани на Тајланд, а едно лице е државјанин на Мјанмар. Полицијата потврди дека меѓу загинатите и повредените немало туристи. Причината за пожарот сè уште не е позната, а истрагата е во тек.

Зградата во која избувна пожарот се наоѓа во урбана средина, недалеку од популарната плажа Патонг на западниот брег на Пукет. Оваа несреќа се случи четири месеци по пожарот во еден бар во Бангкок, во кој загинаа најмалку 27 лица.