Роботот сам ги собира валканите алишта, ги користи машините за перење и сушење, а чистите алишта ги враќа во хотелските соби.
Кинеската компанија „ACE Robotics“ претстави напреден роботски систем што може самостојно да се грижи за перењето алишта во хотелите, од собирањето на валканата облека до враќањето на чистите алишта во собите.
Како што пренесува „Interesting Engineering“, станува збор за системот „Mundo“, развиен во соработка со лабораторијата „S-Lab“ при Технолошкиот универзитет Нанјанг во Сингапур. Системот им овозможува на роботите да учат од сопствените грешки и постепено да ги усовршуваат своите вештини.
Роботот користи вештачка интелигенција и дигитални симулации на хотелските простории за однапред да го увежба движењето, ракувањето со предмети и користењето на машините. Системот ги зема предвид и физичките својства на предметите, како што се нивната тежина и триењето при допир со други површини.
Особено е интересно што роботот може да препознае проблем и самостојно да го приспособи начинот на работа. На пример, кога погледот на едната камера му бил попречен, се префрлил на друга, а кога фармерките се заглавиле во сушилницата, ја сменил положбата на фаќалката за да ги извлече.

Системот ја организира работата во 14 пошироки чекори што опфаќаат 53 основни дејства, приспособувајќи се на распоредот на хотелските соби, достапноста на лифтовите и зафатеноста на машините.
За време на тестирањето, роботот за 57 часа направил 165 обиди да ја испразни сушилницата. Врз основа на забележаните грешки биле развиени повеќе подобрени верзии на неговите вештини. Според податоците на компанијата, уделот на фармерките што останувале во сушилницата се намалил од просечни 48 на 32 отсто, а при најуспешниот обид изнесувал 19 отсто.

Од „ACE Robotics“ наведуваат дека слична технологија во иднина би можела да се користи и во малопродажбата и во системите за брза достава. Сепак, резултатите што ги претстави компанијата сè уште не се независно потврдени.








