Суд во Индија наложи истрага по наводите дека јавна библиотека во сојузната држава Тамил Наду, на југот на земјата, купила стотици книги за кои се сомнева дека се создадени со помош на вештачка интелигенција.
Случајот предизвика полемика откако тамилскиот писател Перумал Муруган посочи дека во новоизградената библиотека во градот Коимбатор има книги со неточни информации и спорно авторство, пренесува „BBC“.
Се проверуваат набавките и сметките
Високиот суд во Мадрас ѝ наложи на антикорупциската агенција да ги испита спорните набавки и да ги замрзне банкарските сметки поврзани со издавачот за кој се сомнева дека ги доставил книгите.
Случајот се однесува на библиотеката „Periyar Arivulagam“, чија изградба чинела околу три милијарди рупии, односно приближно 30,7 милиони евра.

Муруган тврди дека речиси 1.800 книги на тамилски јазик биле набавени од малку познатиот издавач „Agal Vilakku Pathippagam“. Меѓу спорните примери има изданија со непознати имиња на автори, невообичаено високи цени и сомнителни меѓународни стандардни броеви за книги („ISBN“).
Дополнителен сомнеж предизвикала книга пронајдена во друга јавна библиотека, во која како автор е наведен познатиот економист Жан Дрез.
Тој, сепак, изјавил дека не ја напишал книгата и изразил загриженост дека неговото име можеби било употребено без дозвола.

Дел од книгите веќе се отстранети
Министерот за образование на Тамил Наду, А. Раџмохан, го опиша случајот како можна „прва измама со помош на вештачка интелигенција во Индија“ и најави проверка на набавките во јавните библиотеки низ сојузната држава.
Според него, од историската библиотека „Connemara“ во Ченај, на југоистокот на земјата, веќе се отстранети 523 книги поради сомнежи во нивната автентичност и квалитет.
Повеќе од 160 писатели, истражувачи, уметници и издавачи потпишаа заедничко соопштение во кое бараат независна истрага, објавување на документацијата за набавките и ревизија на библиотечните фондови.

Случајот предизвика и политички спор откако актуелната влада ја обвини претходната администрација, предводена од партијата „Dravida Munnetra Kazhagam“ („DMK“), дека ги нарачала спорните книги.
„DMK“ ги отфрли обвинувањата како политички мотивирани и исто така побара истрага.
Засега не е познато дали спорните книги навистина биле создадени со помош на вештачка интелигенција. Истрагата треба да утврди и дали при нивната набавка биле злоупотребени јавни средства.







