„Барса има многу мали шанси да ја освои Лигата на шампионите“: Легендата на Реал со интервју што ја крена Шпанија на нозе

Точка

11/11/2026

20:18

369

Големина на фонт

а а а

Легендата на Реал Мадрид, Тони Крос, даде интервју во кое ја анализираше играта на Барселона.

Германецот не крие дека е воодушевен од стилот на игра што го наметнува Ханси Флик, но смета дека Барселона со таква игра не може да ја освои Лигата на шампионите.

„Јас лично го обожавам начинот на кој игра Барселона. Играат брилијантно и возбудливо, уживање е да ги гледаш. Сепак, мислам дека нивниот најголем проблем е што немаат доволно квалитет во одбраната за да продолжат да играат така без да бидат ранливи. Барселона нема стопер како Дајо Упамекано, кого без грижа можете да го оставите сам во ситуација еден на еден, на 30 метри од сопствениот гол. Кубарси е убедливо најдобриот дефанзивец на Барса и единствениот што ги има потребните квалитет и брзина за да ги решава таквите дуели. Но, во тоа е сам, бидејќи другите тројца дефанзивци едноставно не ми влеваат доверба и сигурност“, рече Крос.


Тој објасни и во што е најголемиот проблем со високиот пресинг на Барса.

„Штом противниците ќе го пробијат високиот пресинг на Барселона, пред нив се отвора огромен празен простор кон голот на Барса. Дефанзивците што треба да го покријат тој простор едноставно ја немаат ниту брзината ниту квалитетот за да го направат тоа како што треба. Да имаше Барса играчи како Алфонсо Дејвис или Упамекано, немаше да се грижи за тој празен простор. Но, со Жоао Кансело, Жерар Мартин и играчи со слични карактеристики, речиси е невозможно да игра на тој начин без последици“, истакна Крос.


Неговиот заклучок е дека со таква игра не се освојува Лигата на шампионите.

„Со оглед на сето тоа, сметам дека Барселона има многу мали шанси да ја освои Лигата на шампионите. Тие секогаш се трудат да создадат повеќе шанси за гол од противникот, но Лигата на шампионите е натпреварување во кое често наидувате на екипи на кои едноставно е невозможно да им дадете многу голови. Има и екипи што играат врвна одбрана, се поставуваат во низок блок и не ви дозволуваат да играте како што сте навикнати. Во такви ситуации, екипите мора да знаат и да се бранат. Барселона премногу зависи од тоа дали ќе постигне два или три гола“, заклучи Крос.