Итен повик за крводарување во Бугарија по верижните судири на „Тракија“

Точка

10/11/2026

13:17

281

Големина на фонт

а а а

Болницата во Сливен повика на крводарување за повредените во судирите кај Јамбол. Повик до граѓаните низ цела Бугарија упати и Националниот центар за трансфузиона хематологија.

Бугарскиот Национален центар за трансфузиона хематологија ги повика граѓаните низ земјата да даруваат крв по утринските верижни судири на автопатот „Тракија“ кај Јамбол. Посебен апел упати и болницата „Д-р Иван Селимински“ во Сливен, каде што дел од примените пациенти имаат потреба од итно крвопрелевање, пренесуваат БТА и бТВ.

Од болницата соопштија дека граѓаните кои ги исполнуваат условите може да даруваат крв во нејзиниот крвен центар секој ден од 8:00 до 14:30 часот по локално време. Центарот е на првиот кат во Дијагностичко-консултативниот центар 2, поранешната Трета поликлиника во Сливен.

Крводарување, илустративна фотографија

Крводарување, илустративна фотографија. Фото: Wakasui / Wikimedia Commons

Во три града се хоспитализирани 46 лица

Според писменото соопштение на бугарското Министерство за здравство, 46 лица се хоспитализирани, од кои 27 во Сливен, 12 во Јамбол и седум во Бургас. Министерството соопшти дека болниците имаат доволно крв за згрижување на пациентите и дека по потреба ќе обезбедат дополнителни количества.

Во истото соопштение се наведуваат 11 официјално потврдени загинати. Десет лица загинале на местото, а едно починало во болница во Јамбол. Министерката за здравство Катја Ивкова претходно соопшти дека загинале 12 лица. Според Министерството, конечниот биланс ќе биде познат по расчистувањето на местото на несреќата.

Двата верижни судара се случија во вторникот наутро, во услови на густа магла. Маглата го спречила медицинскиот хеликоптер да слета, па неговиот медицински тим стигнал до местото со полициски возила и се приклучил на спасувачката операција.