Џудистот Теди Ринер сака да стане следниот претседател на Франција.
Триесет и седумгодишниот повеќекратен олимписки шампион, кој редовно се наоѓа меѓу омилените јавни личности во Франција, во понеделникот на социјалните мрежи објави дека ќе се кандидира за претседател, пишува АП.
Ринер, кој застапува либерални економски ставови, во интервју за весникот „Паризиен“ изјавил дека се позиционира како личност која „не е ниту десничар ниту левичар“ и дека се надева оти ќе стане „претседател кој ги обединува луѓето“.
На прашањето дали неговата кандидатура треба да се сфати сериозно, Ринер одговорил:
„Неодговорно би било да молчам и да стојам настрана како набљудувач на она што се случува во нашата земја и на она што се случува веќе неколку години“.
Претседателските избори во Франција ќе се одржат следната година, а предизборната кампања се одвива во напната општествена атмосфера.

Протестните маршеви веќе со недели собираат огромен број луѓе во Париз и во другите делови на Франција, додека демонстрантите бараат повисоки плати и му даваат поддршка на студентското протестно движење, што создава дополнителен притисок врз владата, која веќе се наоѓа во тешка ситуација.
Ринер изјавил дека е свесен за општествените тензии што ја зафаќаат земјата и дека не може да го прифати фактот што младите и постарите генерации велат дека им е тешко да ја замислат сопствената иднина.
„Го слушам гневот што некои луѓе го изразуваат преку своите изјави, со многу негативност, а тој доаѓа од луѓе кои повеќе немаат никакви амбиции, ниту желба да размислуваат за големи нешта. А Франција е голема земја. Таа ми овозможи да станам личноста што сум денес и ми даде можност да сонувам големи соништа. Токму тоа денес недостасува. Повеќе ја нема таа амбиција, повеќе ја нема таа надеж“, изјавил Ринер.

Тој во септември изјавил дека сака да ја заврши својата блескава кариера со освојување на четвртиот индивидуален олимписки златен медал на Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година.
На прашањето на весникот „Паризиен“ дали неговата кандидатура за претседател значи дека се откажува од Олимписките игри, овој 2,04 метри висок џудист во тешка категорија одговорил дека не се откажува.
Според истражувањата на јавното мислење, националистката Марин Ле Пен се смета за фаворит за наследничка на Емануел Макрон, пред лидерот на крајната левица Жан-Лук Меланшон. Меѓу останатите кандидати се и двајца поранешни премиери на Макрон. За претседателската функција, меѓу другите, се кандидираат и претставници на умерената левица и десница, Зелената партија и конзервативците.

За да може да се кандидира, Ринер ќе мора да собере 500 потписи за поддршка од избрани функционери, како што налага францускиот закон.
На прашањето која би била неговата прва иницијатива на меѓународната сцена доколку биде избран, Ринер изјавил дека сака да обезбеди Франција добро да соработува со своите сојузници и да ужива поголема почит.
„Многу луѓе околу мене зборуваат за моето прво ракување со Доналд Трамп. Ќе видиме кој има посилен стисок на раката“, рекол тој низ смеа.















