ЦДУ го предложи Илзе Ајгнер за претседател на Германија, што би овозможило прва жена да ја преземе оваа функција во земјата. Кандидатурата е поддржана од СПД и има големи шанси за успех на изборот во јануари.
Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска потврди дека ќе ја предложи претседателката на баварскиот покраински парламент, Илзе Ајгнер (61), од сестринската Христијанско-социјална унија (ЦСУ), за кандидатка за претседател на Германија.
Нејзината кандидатура претходно добила поддршка и од Социјалдемократската партија (СПД), со што се отвора можноста Германија за првпат да добие жена на чело на државата.
Според „Дојче веле“, Ајгнер има значителни шанси да ја преземе претежно церемонијалната функција по изборот што треба да се одржи кон крајот на јануари, кога ќе заседава Сојузното собрание, посебното тело задолжено за избор на германскиот претседател.
Иако поранешната канцеларка Ангела Меркел повеќе од една деценија беше една од највлијателните политички личности во земјата, Германија досега немала жена на претседателската функција.
Кандидатурата на Ајгнер добивала сè поголема поддршка во изминатите месеци, а и самиот Мерц се изјаснил дека следниот претседател треба да биде жена.
Мандатот на актуелниот претседател Франк-Валтер Штајнмаер истекува во март 2027 година, по завршувањето на неговиот втор петгодишен мандат.








