Од репрезентативниот дрес до работа во магацин: Беше на прагот на голема кариера, донесе шокантна одлука што промени сè и исчезна од фудбалската мапа

Точка

05/11/2026

20:12

924

Големина на фонт

а а а

Животот на професионалните фудбалери често изгледа гламурозно, но зад големите стадиони, големите договори и повиците во репрезентацијата се кријат и тешки животни приказни, разочарувања и психички борби што можат целосно да променат нечија судбина.

Една таква приказна сподели 28-годишниот унгарски играч од средниот ред Адријан Секе, кој пред неколку години беше на чекор до голема фудбалска кариера, а денес, додека се обидува да се врати на теренот, работи во магацин во Германија.

Во 2020 година Секе доби повик во сениорската репрезентација на Унгарија од тогашниот селектор Марко Роси. Се чинеше дека пред него е блескава иднина, но неговиот живот набргу тргна во сосема друга насока.

Меѓу 2023 и 2025 година речиси исчезна од фудбалската мапа. Направи пауза што траеше речиси две години. Причината не беше недостигот од талент, туку тоа што целосно ја загуби љубовта кон фудбалот.

Во разговор за унгарскиот портал „Csakfoci“ отворено зборуваше за тешкиот период и призна колку му било тешко да се оддалечи од спортот на кој му посветил најголем дел од животот.

„Станував сè понапнат и на теренот и во приватниот живот. По некое време фудбалот речиси ми се згади. Чувствував дека попрво би работел што било друго“, призна Секе.

Унгарскиот фудбалер објасни дека немало еден конкретен настан што ја згаснал неговата страст кон фудбалот. Сè се случувало постепено, а мотивацијата, ентузијазмот и желбата за игра полека исчезнувале.

„Тоа не се случи преку ноќ. Имав чувство дека постојано тонам, а не бев ни свесен за тоа. На почетокот мислев дека е само минлива фаза и не му придавав големо значење. Продолжив да работам, но стануваше сè потешко“, раскажа тој.


Особено тежок период следувал откако се повлекол од професионалниот фудбал. Ја изгубил секојдневната рутина на која бил навикнат со години, а Секе признава дека се повлекол од надворешниот свет и го изгубил чувството за секојдневниот живот.

Денес живее во Германија, каде што работи во магацин, но фудбалот сепак не го оставил целосно зад себе. Од летото настапува за ГВ Брајвајлер, клуб што се натпреварува во шестиот ранг на германскиот фудбал.

Во досегашната кариера го носеше дресот на неколку клубови. Помина низ младинската школа на Келн, а играше и за холандскиот Хераклес, унгарскиот Диошѓер, српска Бачка Топола и Будафоки МТЕ.


За вториот тим на Келн одигра 51 натпревар и постигна 15 гола, додека во дресот на Хераклес забележа 43 настапи.

Иако денес е далеку од нивото на кое некогаш сонувал да игра, 28-годишниот фудбалер не сака да се откаже од новиот почеток.

„Добро се чувствувам во оваа средина. По долгата пауза, ова ниво на натпреварување ми одговара за повторно да се изградам како играч. Не си поставив конкретна цел ниту рок. Сакам чекор по чекор да се вратам во најдобрата форма“, порача Секе.